Мандатарот за црногорски премиер Здравко Кривокапиќ најави дека новата влада ќе се формира најдоцна за две недели. Според заедничката изјава на коалициските лидери, првиот договорен принцип е дека новата демократска влада одговорно ќе ги спроведе сите меѓународни обврски
Договорени принципите за новото владино мнозинство во Подгорица
Лидерите на коалициите „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е нашата нација“ и „Црно-бело“, Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ, се договорија за повеќе принципи врз кои ќе се темели идната црногорска влада, која ќе вклучува формирање експертска влада, како и измена, дополнување и ревизија на дискриминаторските закони и подзаконски акти, вклучувајќи го и Законот за слобода на вероисповед. Мандатарот за црногорски премиер, Здравко Кривокапиќ, во таа насока изјави дека новата влада ќе се формира најдоцна за две недели. Според заедничката изјава на лидерите, првиот договорен принцип е дека новата демократска влада одговорно ќе ги спроведе сите меѓународни обврски. Второ, како што се додава, е дека новата демократска влада ќе ги спроведе сите неопходни реформи со намера Црна Гора да стане членка на Европската Унија што е можно побрзо.
Според Кривокапиќ, Бечиќ и Абазовиќ, новата демократска влада ќе биде експертска, конституирана од експерти во специфични области, без оглед на нивните политички, верски, национални или какви било други карактеристики, пренесува „Вјести“. Четврто, новата влада ќе биде целосно посветена на почитување на Уставот и спроведување на законот, со измени, дополнувања и ревизии на сите дискриминаторски закони и подзаконски акти, вклучувајќи го и Законот за слобода на вероисповед, велат во заедничката изјава.
Инаку Кривокапиќ, Бечиќ и Абазовиќ соопштија дека ќе им подадат рака на претставниците на малцинските народи со желба заеднички да изградат поубава и попросперитетна иднина за Црна Гора, јавува РТЦГ.
Во меѓувреме, опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ остро го критикуваше мандатарот за нова влада Здравко Кривокапиќ. Како што тврдат луѓето од ДПС, мандатарот повторно ги дискриминирал сите оние граѓани на Црна Гора што не се изјаснуваат како Срби, а тоа, според нив, се повеќе од 70 отсто.
– Со алузијата што ја направи дека Црна Гора е српска држава, Кривокапиќ се враќа на својата идеолошка матрица, која очигледно само накратко ја напушти, за да стане мандатар – наведе ДПС. Тие истакнуваат дека Кривокапиќ може „приватно да им се поклонува и да им бацува раце на свештениците на Српската православна црква, може во кампања да се фотографира со знамиња на Република Србија и да „србува“ по приватни забави“.
– Но кога настапува како мандатар на Владата на државата Црна Гора, тогаш мора да ги почитува сите граѓани и да постапува во согласност со Уставот, според кој, нашата држава е граѓанска, а не српска. И во согласност со договорот што неодамна го потпиша со своите коалициски партнери – порача ДПС.