Балканските држави се изложени на меѓународниот притисок за менување на уставите, а политичките аналитичари во Србија во заднината на изјавата на Лајчак препознаваат сигнали во која насока би се одвивала разврската на косовското прашање
Изјавата на специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, за тоа дека нивниот конечен договор подразбира различни законски корекции на уставно ниво во двете земји, ја покажа вистинската слика за притисоците на кои се изложени балканските држави во решавање на меѓусебните спорни прашања. Ова не е првпат балканските држави да се соочуваат со отворени пораки од меѓународната заедница за менување на националните устави, што во основа значи и преуредување на односите на домашен и на меѓународен план. Во последниот период Босна и Херцеговина е изложена на меѓународна дипломатска активност за редефинирање на Дејтонскиот договор. Претходно низ истата „процедура“ помина и Македонија, која беше изложена на силен притисок од Грција за да си го смени и уставното име. Слични притисоци и уцени доаѓаат и од Бугарија, која стави вето за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Како што е познато, бугарската влада постави услови со бесмислени толкувања за историјата, а наедно ги оспорува и македонскиот идентитет и јазик.
– Откако државите ќе постигнат меѓународен договор, веројатно ќе биде потребно да се вклучат потребните правни аранжмани на уставно ниво, за да се интегрираат договореното и потпишаното во согласност со внатрешниот правен поредок, а тоа се однесува и на Косово и на Србија – рече Лајчак, пренесува „Косово онлајн“.
Лајчак изјави дека двете страни сѐ уште се далеку од приближување на нивните позиции, но дека прават „трилатерална работа за решавање на тоа прашање“.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина беше обновен во јули по пауза од 20 месеци. Последниот состанок се одржа на 10 декември на техничко ниво, а сѐ уште не е познато кога ќе биде закажан следниот, особено поради најавените предвремени избори на Косово.
Предновогодишната изјава на специјалниот европски посредник во преговорите меѓу Белград и Приштина се поклопува со веќе почнатата процедура во народното собрание на Србија, која се однесуваат на делот на правосудството. Владејачката гарнитура на Србија се противи на „отворањето“ на другите уставни прашања, кои се однесуваат на изборот на претседател на државата и на неговите надлежности, како и во делот на преамбулата за Косово, иако во претходните политички дебати биле споменувани како неопходност големи уставни реформи во Србија!?
Владата на Србија на почетокот на декември ги усвои предлог-промените на Уставот на Србија во делот што се однесува на судовите и јавните обвинителства, за јакнење на независноста на судската власт, што е еден од условите за пристапување во Европската Унија. Но политичките аналитичари во Србија во заднината на изјавата на Лајчак препознаваат надворешни сигнали во која насока би се одвивала разврската на косовското прашање. Во случај на сеопфатен правно-обврзувачки договор што Белград ќе го потпише со Приштина да ја нема обврската за признавање на косовската независност, или ако не биде споменат ни статусот за Косово, српскиот устав не мора да се менува. Но доколку идниот документ подразбира и поинаков статус на „јужната српска покраина“ од суштинска автономија, која се дефинира во преамбулата на Уставот на Србија, тогаш е потребна „доработка“ на највисокиот правен акт, пишува „Новости“, повикувајќи се на експертски ставови.
Поради критиките што следуваа по гласното размислување на Лајчак, портпаролот на ЕУ, Петар Стано, објасни дека промените на Уставот се неизбежни кога се преговара за меѓународни договори! Со ова европскиот гласноговорник отвори ново поле на дебата, затоа што дијалогот меѓу Белград и Приштина се однесува на договорот со привремени институции на Косово, а не со меѓународно признаена држава, сметаат српските уставни експерти.
– Од аспект на нашиот правен поредок, договорот со Приштина не може да биде меѓународен. Веројатно во ЕУ одат кон тоа овој договор да биде заокружување на државноста на Косово. Во секој случај, секоја промена на уставниот статус на Косово и Метохија подразбира и промена на Уставот, најмалку со двотретинско мнозинство на пратениците и гласање на референдум – вели професорот за меѓународни односи Бојан Милисављевиќ, во изјава за „Новости“. Во секој случај, секоја промена на уставниот статус на Косово и Метохија подразбира и промена на Уставот, најмалку со двотретинско мнозинство на пратениците и гласање на референдум.
Меѓународната заедница заговара и уставни измени и во Босна и Херцеговина, за што е потребно да се има согласност од политичките претставници на трите народи: Хрватите, Србите и Бошњаците. Како аргумент за ова се споменува неефикасноста на Дејтонскиот договор, со кој државата не може нормално да функционира, а сегашната уставна поставеност е и причина за бавноста и неспроведувањето на реформите, што треба на крајот да доведе и до подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Во административна смисла, Босна и Херцеговина е поделена на два ентитета: Република Српска со мнозинство српско население и Федерација БиХ, со мнозинско бошњачко и хрватско население. Овластувањата за креирање на економската, социјалната, образовната, здравствената и културната политика ја имаат ентитетите. Двата ентитета не можат да влијаат на просеците што се одвиваат во рамките на нивните граници. Федерацијата БиХ е поделена на десет кантони, кои се одговорни за спроведување на образовната и станбената политика, како и за развивање на локалната средина.
Последните месеци интензивно се зборува за промената на Дејтонскиот мировен договор, за што постои целосна согласност од САД и од ЕУ. Против промената на дејтонскиот устав е Република Српска, која е поддржана од Русија.