За економските намери на САД во договорот, кој првенствено треба да ги регулира билатералните односи меѓу Србија и Косово, проговори и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој по потпишувањето на вашингтонскиот договор истакна дека успеале од него да биде избришана одредбата од каде да се набавува овој енергент
Една ставка од вашингтонскиот договор, кој се однесува на економското приближување меѓу Србија и Косово, директно ги погодува руските интереси во овој дел од Балканот. Во одредбата што е содржана во ставот осум од договорот, а која гласи „двете страни ќе го диверзифицираат снабдувањето со енергија“, за многу политички аналитичари и енергетски експерти, претставува можен удар на традиционалните и стабилни односи меѓу Србија и Русија. Овој член од договорот во целост се совпаѓа со идните планови за снабдување со природен гас, а кој Србија во целост го обезбедува од Русија. Весникот „Данас“ потсетува и на претходните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, за тоа дека европските земји треба да ја намалат зависноста од рускиот гас, а како алтернатива им се нуди американскиот течен природен гас (ЛНГ).
За економските намери на САД во договорот, кој првенствено треба да ги регулира билатералните односи меѓу Србија и Косово, проговори и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој по потпишувањето на овој договор истакна дека успеале од него да биде избришана одредбата од каде да се набавува овој енергент.
Поексплицитна во изјавите беше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која изјави дека „Американците сакаат Србија повеќе да се префрли на течен гас што доаѓа од САД“.
Експертите за енергетика во Србија велат дека во овој момент не постои можност во Србија да се користи американскиот гас или од кој било друг извор на природен гас. Моментално рускиот гас во Србија влегува единствено од гасоводот од Унгарија.
Алтернативата на овој гасовод е „Турскиот тек“, кој треба да биде завршен до крајот на годината, а преку него треба да се преземе рускиот гас од Бугарија. Со ова се намалува и зависноста од еден „влез“, а во исто време се диверзифицира и снабдувањето со овој природен енергент. Со експлоатација на „Турски тек“ ќе се избегнат состојбите од блокадата на испораката на гасот од Украина. Но, во основа, останува зависноста од рускиот гас, без разлика од кој гасовод пристигнува во Србија, пишува во анализата на „Данас“.
Во Европа има неколку терминали за прифаќање на течниот природен гас што би можел да пристигне од САД, но тие се оддалечени од Србија и од другите земји во регионот. Постојат планови за снабдување преку два терминала што се во изградба. Едниот е на островот Крк во Хрватска, кој ќе почне со работа од идната година. Вториот е во Грција, во Александропулос, во близината на турско-бугарската граница, кој треба да биде завршен до крајот на 2022 година.
Другите алтернативи се Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП) и Трансјадранскиот гасовод (ТАП), низ кој може да протече гасот од Азербејџан или од други извори. Генералниот секретар на Здружението за гас во Србија, Војислав Вулетиќ, тврди дека купувањето на американскиот гас е само приказна, затоа што тој нема од каде да пристигне во Србија.
– Треба да се види кога ќе биде направен терминалот во Грција. Другите терминали за американски гас се во Полска, Литванија и во Португалија. Изградбата на вакви објекти е скапа и долготрајна. На крајот, и да има технички можности, реално нема доволни количества американски гас. Во САД има шест терминали за „пакување“ на гасот, со капацитет од 65 милијарди кубни метри гас годишно. Само потребите за Европа се околу 500 милијарди – нагласува Вулетиќ во изјава за „Данас“.
Енергетичарот Милош Здравковиќ вели дека диверзификацијата ја зголемува конкуренцијата, но приказната за американскиот гас е нереална. Терминалот на Крк не може да ги задоволи ни потребите на Хрватска, а оваа тема е само во насока на предизборната кампања на Трамп. Конечните калкулации се дека американскиот гас за европските потрошувачи секогаш ќе биде поскап од рускиот.
Во јуни Бугарија купи 20 отсто од уделот на ЛНГ на терминалот во Грција. Терминалите на Крк и на Грција се финансирани делумно и со средства од Европската Унија. За Хрватска се одобрени околу 100 милиони евра, а половина од вредноста за терминалот во Грција е покриена од европските фондови. За Србија и за регионот останува како опција азербејџанскиот гас, кој ќе се доставува преку ТАНАП, но неговиот капацитет е под 20 милијарди кубни метри годишно и тој е целосно распродаден. Во јавноста се актуализира и изградбата на гасоводот ТАП, кој ќе поминува преку Албанија, но за негова реализација се потребни десетина години.