Никогаш не се случило три различни страни да се борат за поголем удел во некоја компанија. Оваа приказна за „Краш“ донесе голем исчекор во тргувањето на загрепската берза
Собранието на „Краш ЕСОП“ гласаше против предлог-одлуката за потпишување договор за заедничко дејствување со месната индустрија „Браќа Пивац“, објави загрепската берза. Сепак, одлуката на 1.100 мали акционери, кои поседуваат 18,45 отсто од акциите на „Краш“, не влијае на идната сопственичка структура. Најголемиот поединечен акционер во оваа кондиторска компанија е месната индустрија „Браќа Пивац“, од каде што соопштија дека и без акционерите на „Краш“ ќе влезе во постапка за преземање.
Како што пишува „Пословни дневник“, српскиот претприемач Небојша Шарановиќ минатата недела продолжил со интензивно купување на акциите. Тој поседува 18,43 отсто од акциите на „Краш“, а му недостигаат уште три илјади акции за да го надмине акционерскиот дел на „Краш ЕСОП“. Но извесно е дека Шарановиќ е втор најголем акционер во компанијата.
„Краш ЕСОП“ ги држи под своја контрола и работничките акционери, кои на последното собрание одлучиле да не ја прифатат понудата на „Браќа Пивец“, со образложение дека не можат да обезбедат одржлива финансиска конструкција за преземање на акциите, пишува „Индекс“. Ова наедно би значело и крај на раководната улога на Марица Видаковиќ, која долго време беше најголем поединечен акционер, како и претставничка на работниците акционери. Нејзината улога во компанијата не се промени ни кога во сопственичката структура влезе месната индустрија „Браќа Пивац“, која со години трпеливо купуваше акции во „Краш“ и моментално е најголем поединечен акционер, со над 30 отсто сопственост.
Атмосферата околу „Краш“ се загреа на почетокот на септември, кога преку загрепската берза непознат купувач почна да купува поголемо количество акции. По надминувањето на прагот од пет отсто, новиот инвеститор мораше да се открие и тогаш јавноста дозна за намерите на компанијата „Каппа стар лимитед“, на српскиот претприемач Небојша Шарановиќ, сопственик на кипарската фирма, во чиј состав се и „Јафа“ и „Банини“. Сега тој поседува над 19 отсто од акциите и стана втор најголем акционер во „Краш“. Какви се неговите планови со „Краш“ засега не е познато, но можно е тој да откупува за некој инвестициски фонд, пишува „Индекс“.
– Ова е сигурно возбудлив период. Никогаш не се случило три различни страни да се борат за поголем удел во некоја компанија. Оваа приказна за „Краш“ донесе голем исчекор и за другите акционери – вели Ивана Гажиќ, претседателка на управата на загрепската берза.
Експертот за корпоративни финансии Андреј Грубишиќ, во разговор за РТЛ Данас, вели дека одлуката на работниците на собранието на акционери не е за изненадување.
– Работниците немаат финансиски средства за да може да се следат берзанските трансакции. „Краш“ и месната индустрија како акционери имаат коректни односи и помалите акционери нема да бидат оштетени од идните преземања. Тоа што би ме изненадило е двете страни да даваат понуда што ќе биде приближна на цената по која се тргува денеска. Сѐ што е над цената од 600 куни по акција, за „Краш“ би значело влегување во зона што е исклучително напната. Секој што ќе ја преземе, по поголема евалуација мора да има јасен план како ќе ги искористи моменталните позиции на берзата. Навистина е ризично да се зголемуваат акциите на „Краш“ – вели Грубишиќ.
Намерата на Шарановиќ е да се принуди некој од акционерите да го откупи неговиот пакет акции, смета финансискиот експерт.
– Овде работите се комплицираат поради вредноста на акциите што се плаќани. Тој за купување на акциите потрошил 30 милиони евра, што многукратно ја надминува сумата на оперативната заработка на компанијата. Во меѓувреме не се случиле некои работи што би го оправдале ваквиот пораст на цената на акциите – вели Грубишиќ.