Косовската влада почна со спроведување на планот Б за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска, откако, поради вето од пратениците Срби, тоа не успева да го направи по пат на уставни измени. Новиот план предвидува период од 10 години, додека да се затвори транзицијата, објави денешна „Коха диторе“.
Според весникот, како што јавува дописникот на МИА од Приштина, пакет-закони што се однесуваат на организацијата на ФСК веќе се доставени до кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај и, откако ќе ги поминат владините процедури, ќе бидат проследени во Собранието за гласање.
Со документот не е предвидено трансформацијата да се случи веднаш, како што имаше обид да се направи во неколку наврати во изминатите четири години, туку ќе се отстранат одредени ограничувања во врска со капацитетите, мандатот и мисијата на ФСК.
Од канцеларијата на премиерот потврдуваат дека пакет-законите подготвени од Министерството за ФСК се стасани таму, но велат дека сѐ уште не се проследени во натамошна владина процедура.
– Интерес на Владата е ова да се направи што побргу, но секогаш во содејство со стратегиските партнери – се вели во писмениот одговор на кабинетот на Харадинај.