Властите во неделата евакуираа десетици граѓани од поплавените домови во западна Грција, само неколку дена по загинувањето на седум лица во силната бура што го зафати северот од земјата. Ваквите сериозни бури се необични во Грција, кадешто летата обично се топли и суви.
Поплавите што ги зафатија патиштата оштетени од бурата во близина на градовите Нафпактос и Патра неколку часа затворија голема траса, иако засега не се пријавени повредени или исчезнати лица.
– Многу домови и продавници се преплавени во близина на градот Нафпактос. Има штета врз некои домови, продавници и автомобили – изјави претставник на противпожарната служба, пренесува „Ројтерс“.
Седум лица, меѓу кои шестмина туристи, загинаа, а повеќе од стотици други беа повредени во четвртокот, кога бура во текот на ноќта ја погоди северна Грција.