Членовите на Комисијата за безбедност и надзор врз безбедносните сили на Косово (ФСК) на косовското собрание вчера со мнозинство гласови го изгласаа пакетот од три закони со кои се предвидува ФСК да се трансформира во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Претставниците на партиите на Албанците, како оние на власт, така и на опозициските, изјавија дека нивните партии ќе ја поддржат трансформацијата на ФСК во војска на Косово и во натамошните процедури, и ќе гласаат за законите кога ќе дојдат на дневен ред во Собранието.
Против пакетот закони гласаше членот на комисијата од редовите на Српската листа, која е категорично против оваа трансформација и, како и официјален Белград, нагласува дека единствена вооружена формација во Косово, според Резолуцијата 1244 на Обединетите нации, е КФОР.
Со нацрт-законите што ги предложи Владата на Рамуш Харадинај се предвидува постепена трансформација на ФСК во војска на Косово, на тој начин што се зголемуваат надлежностите на постојните безбедносни сили. Исто така, се предлага прераснување на Министерството за ФСК во Министерство за одбрана.
Меѓународната заедница, односно САД и другите западни земји сојузнички на Косово, порачуваат дека немаат против Косово да формира војска, но дека тоа треба да се направи со промени на Уставот. Меѓутоа, такво нешто е практично невозможно, затоа што за промена на Уставот е потребно да гласаат и мнозинството пратеници од редовите на српската националност.