Сараево – Санитарните инспектори во Сараево минатата година изрекле 222 казни за родителите што одбиле да ги вакцинираат децата. Во 2018 година, во истиот период, во јуни, биле санкционирани 358 родители, кога започнало казнувањето на родителите за неисполнување соодветна грижа за малолетни деца. („Макфакс“)
Подгорица – Во Црна Гора лани најмногу странски инвестиции пристигнале од Азербејџан, но нејзиниот износ не е јавно достапен, затоа што станува збор за деловна тајна. На второ место се инвеститорите од Русија, со 58,2 милиони евра, а потоа од Унгарија, со 54,2 милиони евра. До октомври лани во ЦГ приливот на странски инвестиции е 290 милиони евра, а се одлеале 362 милиони евра. („Побједа“)
Атина – Во неколку одвоени случаи, во различни населби во Атина, непознати лица во текот на ноќта запалиле осум паркирани возила, а подметнале пожар и на банкомат. Грчката полиција информира дека втора ноќ по ред биле регистрирани идентични инциденти во грчката престолнина. (АНА-МПА)
Загреб – Бројот на мигранти на просторот на Западен Балкан во 2019 година е зголемен за 46 отсто во споредба со претходната година, додека во цела Европа е намален, покажуваат податоците на европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс. На подрачјето на Шенген се детектирани 139.000 илегални преминувања, од нив 24.000 се преку западната граница, 14.000 на источната и 82.000 на подрачјето на источниот Медитеран, во кој влегува и Западен Балкан. („Дневни аваз“)