Сараево – Претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека БиХ или доследно ќе ги почитува одредбите од Дејтонскиот мировен договор или ќе се раздели мирно, бидејќи трето не е можно. Коментирајќи ги најавите дека наскоро ќе биде назначен нов висок претставник за БиХ, Додик оцени дека, според пропишаната постапка, досега е легално избран само Карл Билд. За избор на нов висок претставник во БиХ, од германската влада е номиниран Кристијан Шмит. („Аваз“)
Тирана – Од почетокот на пандемијата во Албанија се зголемила продажбата на луксузни добра, вклучувајќи храна од странство, детергенти, мебел и накит, соопшти Институтот за статистика. Поради забраната за свадби и празнични собири и затворањето на баровите и рестораните, потрошувачката на алкохол е намалена, меѓутоа продажбата на накит е зголемена за пет проценти. Се претпоставува дека тоа е поради побогатите граѓани на Албанија, кои не можеле да патуваат поради пандемијата, па парите ги потрошиле во локалните продавници. („Либертас“)
Софија – Корупцијата и недостигот од сериозни реформи ќе ја држат Бугарија надвор од еврозоната најмалку до 2026 година. Според предвидувањата, економското закрепнување ќе биде побавно, следењето на земјата од Европската комисија за корупција и владеење на правото ќе се одржи најмалку до 2022 година, што е поврзано со пристапувањето во шенген. („Локално“)
Бисер балкански
Косово бунар без дно!
– Оваа застрашувачка бројка од 600 милиони евра е изговорена за да се покаже дека Косово за граѓаните на Србија е голем товар, во него се трошат и се фрлаат парите како во бунар без дно. Кога Србија би издвојувала толку пари за Србите на Косово, тие луѓе би живееле неспоредливо подобро отколку сега. Да добиеја последните пет години три милијарди евра, како што вели претседателот Вучиќ, тие би имале најдобар стандард во Европа и немаше да се иселуваат. Тоа не е вистина или бесрамно се краде без да се санкционира тоа. Тие пари не стигнуваат до обичните граѓани. Не е исклучено поголемиот дел од партите за Србите на Косово да завршат кај некои тетки во Канада, па потоа да се вратат во Белград – вели Санда Рашковиќ, потпретседателка на Народната партија, во изјава за агенцијата „Бета“.