Подгорица – Во Црна Гора продолжува распитот на поранешните припадници на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), осомничени за нелегално прислушување и следење одредени лица и уништување документи на тајните служби пред промената на Владата во таа земја. Поранешниот директор на АНБ Дејан Перуничиќ, разрешените раководители на сектори Лука Булатовиќ и Срѓа Павичевиќ, како и службениот Михајло Мартиновиќ биле испрашувани под сомнение дека во таа служба има „таен одред“ што прислушувал граѓани и следел граѓани, а потоа ја уништил таа документација. („Вијести“)

Белград – Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека вчера се уапсени седумнаесет члена на организирана криминална група во Белград. Криминалната група, која, како што изјави министерот, ја предводеле Вељко Беливук, наречен Веља Невоља, и Марко Миjковиќ, е основано осомничена за убиства, изнуди, киднапирања и трговија со дрога. Полициските службеници рекоа дека станува збор за група што се крие зад навивачката група Партизан и рекоа дека криминалните организации нема да бидат посилни од законот. (РСЕ)

Тирана – Во Албанија е регистриран највисок негативен рекорд од 1.007 новозаразени лица за едно деноноќие.
– Од направените 3.849 теста, опасниот вирус е дијагностициран кај 1.007 лица, што е над 26 отсто од тестираните. Во списокот на оздравени се внесени 581 лице, починаа шест лица, додека во четирите ковид-болници се третираат 404 пациенти – информираа од Министерството за здравство.


 

Гордост на социјалистичкото здравство

– Раководството на СКОЈ одлучи да се имунизира со вакцината од Кина, земјата што најуспешно се избори, од сите во светот, со оваа подмолна епидемија и сосема е извесно дека развила сигурна вакцина. Затоа ги повикавме сите наши членови и симпатизери да го сторат истото тоа, затоа што кинеската вакцина како гордост на социјалистичкото здравство е многу ефикасна – вели Александар Ѓениќ, првиот секретар на СКОЈ, кој заедно со Новата комунистичка партија Југославија доставил предлог до надлежните служби во Белград за именување на една белградска улица, во чест на актуелниот претседател на Кина, Си Џинпинг.
Претседателот на Кина овозможи кинеските лекари први да им понудат помош на своите српски колеги по појавата на епидемијата во Србија. Тој е заслужен и за тоа што најголемиот број вакцини за српските граѓани се обезбедени од кинескиот производител, е образложението за барањето на НКПЈ и СКОЈ, доставено до Град Белград.