Љубљана – Осум нови случаи на инфекција со коронавирусот се потврдени во Словенија во последните 24 часа, објави словенечката влада во четвртокот, најавувајќи мерки за спречување на ширењето на инфекцијата. Ова е најголем број на нови потврдени случаи на коронавирус во еден ден во последните месец и половина. Во Словенија моментно има 30 активни случаи на инфекција, а хоспитализирани се шестмина пациенти, кои боледуваат од ковид-19, вклучувајќи и еден сериозно болен во Одделението за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Љубљана. („Макфакс“)
Софија – Бојко Борисов е закана за бугарската влада, а никој не може подобро да ја дискредитира Владата, како што може самата да го стори тоа, рече претседателот на Бугарија, Румен Радев, запрашан за обвинувањата на премиерот дека го шпионирал со дрон.
– Сум управувал авион, сум управувал и дрон. Не можам да толкувам сè што кажа Борисов бидејќи, за разлика од него, мојата фантазија сепак има некаква граница – рече бугарскиот претседател. („Денес“)
Подгорица – Во Црна Гора во средата биле регистрирани седум нови случаи од корнавирус. Лабораторијата на институтот анализира 200 примероци од кои 193 беа негативни, а седум позитивни на новиот коронавирус. Четири новозаболени се контакти на порано потврден случај, а кај три новозаболени во моментот се трага по изворот на инфекцијата, соопштија од Институтот за јавно здравје на Црна Гора. („360 степени“)
Бисер балкански
Вклучена светилка во Москва
– Руските интереси на Балканот за Москва се исклучително важни, за што најдобро зборуваат и сѐ поблиските односи со Загреб. Ако љубовта кон некоја земја се гледа со очите за инвестициите, Русија исто така е во минус во однос со Кина, кога станува збор за Србија. Освен купувањето на нафтената индустрија во Србија, Русија речиси и нема ништо со „своите“ во Србија. За разлика од Кинезите, за кои Вучиќ постојано вели дека ги спасија железарницата во Смедерево и рударскиот комплекс во Бор. Србија е преплавена од кинески инвестиции и туристи, за разлика од руските и Русија. Впечаток е дека во Москва се вклучила светилката и тргнаа во пеглање на состојбата – рече Ненад Кулачин, колумнист и новинар, за откажувањето на посетата на Александар Вучиќ на Москва и по пораките дека Владимир Путин е незадоволен од односот на српскиот претседател, кој сѐ повеќе се врти кон Кина.