Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, од вчера ја презеде функцијата премиер на Грција. Според изборните резултати, партијата на Мицотакис на вчерашните предвремени парламентарни избори освои 158 пратеници, што значи дека во парламентот со 300 столчиња ќе може самостојно, без неопходна коалиција со други партии, да ја формира идната грчка влада. Владејачката СИРИЗА на премиерот Ципрас доживеа тежок пораз освојувајќи само 86 пратеници. Во следниот парламентарен состав нема да влезе ултрадесничарската Златна Зора.
Во изјава за медиумите новоизбраниот премиер изјавил дека неговата победа не е важна само за Грција туку и за цела Европа.
– Суверениот грчки народ го кажа својот збор! Побарав силен мандат за да ја променам Грција и грчкиот народ ми го даде. Јас сум многу, многу благодарен за резултатот. Свесен сум за сите тешкотии пред мене, но силата ќе ја црпам од целиот народ. Почнуваме веднаш да работиме, Собранието ќе работи во текот на целото лето – рече Мицотакис.
Грчкиот премиер во заминување, Алексис Ципрас, го призна поразот на предвремените избори и рече дека постигнале многу во текот на владеењето.
– Повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа онаа Грција што ја презедовме – истакна Ципрас.