Хрватска
Разговор со очевидец од Загреб за силниот земјотрес што ја зафати Хрватска

Силниот земјотрес што ја погоди вчера Хрватска, со епицентар во Петриња, се почувствува во целата земја. За да добиеме автентични информации од теренот, контактиравме со Кармела Књаз, вработена во Хрватската телевизија, која во разговорот за „Нова Македонија“ од прва рака ни ги пренесе информациите за атмосферата во градот погоден од земјотресот што ја потресе Хрватска.

– Состојбата во Загреб е драматична, но, сепак, нашите мисли се со нашите граѓани во Петриња и во Сисак, кои се многу посериозно зафатени од земјотресот. Постојано ги следиме информациите колку што е можно, за да дознаеме што се случува таму. Еве, предмалку јавија дека кон Петриња тргнаа премиерот и претседателот, како и припадници на армијата, на Хрватската горска служба за спасување, пожарникари и сите расположливи медицински екипи. За жал, до нас дојде и информација за едно дете загинато во Петриња. Се проценува дека бројката на повредени е многу поголема, а материјалната штета допрва ќе се утврдува.

Каква е состојбата во Загреб?
– Како што реков, овде е навистина драматично. Луѓето се излезени на улица, поточно на јавните површини, по парковите, плоштадите. Сите ги почитуваа препораките на надлежните од изминативе денови и голем дел граѓани ги напуштаа домовите со подготвени ранци, со неопходните работи во нив. За жал, поради огромниот наплив на луѓе по улиците, сообраќајниците, особено во центарот на градот, се затнати, практично непроодни. За сообраќајниот колапс придонесува и тоа што семафорите не работаат, бидејќи снема струја во еден период. Сега ми јавуваат дека полека се враќа струјата во некои делови, а исто така беа исклучени и поголем дел мобилни телефонски линии.

Како го почувствувавте ударот?
– Треба да кажам дека овој пат земјотресот беше застрашувачки долг, тресеше можеби цели 20 секунди. Не паметам вакво нешто. Ние имавме земјотрес на 22 март годинава и тогаш навистина бевме силно вознемирени поради потресот, кој предизвика поголема штета низ градот. Овој пат се чини дека нема толку многу оштетувања ниту повредени во Загреб, но сега тресеше невообичаено долго, а тоа придонесе за паника кај граѓаните.

Има ли голема штета во Загреб?
– Во градот повторно најголеми оштетувања има во центарот, во старото градско јадро, каде што настрадаа повеќе згради, но, за среќа, тоа не беше во поголем обем, туку паѓаа делови од фасадите, беа оштетени балкони, внатрешноста на објектите, а сето тоа ги натера граѓаните да избегаат од своите домови и од работните простории. Среќа во несреќа е што температурите во Загреб се невообичаено високи за овој период од годината и луѓето можат слободно да останат надвор барем додека помине овој прв бран на страв од некои нови потреси. Но повторно ќе кажам, сите ние сме со мислите во Петриња и во Сисак, градовите што најмногу настрадаа во овој земјотрес, каков што не се памети одамна на овие простори. М.В.