Раскош на регионалните функционери и политичари за време на пандемијата
За време на пандемијата, кога илјадници луѓе останаа без основни средства за егзистенција, а истовремено се затворија и многу работни места, една од основите од кои се полни државниот буџет на една земја, набавката на луксузни автомобили за владините функционери на Балканот, сепак, не изостана.
Имено, последниот ваков случај во кој домашната јавност со лутина и гнев го проследи чекорот на купување луксузни автомобили за потребите на државните службеници неодамна се случи во парламентот на Босна и Херцеговина.
Како што пренесува балканскиот портал на Ал џезира, Собранието на оваа поранешна југословенска република пред извесен период се одлучи да набави три луксузни автомобили од над 60 илјади евра по парче за потребите на службите во Собранието.
Веста што експресно се прошири во тамошната јавност, а потоа и во регионот, според медиумот, предизвика гнев кај тамошното население, бидејќи земјата во моментов се соочува со тешки финансиски реперкусии поради пандемијата на ковид-19 и недостигот од средства во здравството.
Во меѓувреме, на истава тема босанскиот дневен весник „Дневни аваз“ дополнително пишува дека функционерите и вработените во владите, управите, заводите и другите институции во Федерацијата на Босна и Херцеговина и десетте кантони користат повеќе од 2.000 службени автомобили.
– Околу 150 скапи возила користат шеснаесетте федерални министерства, кои чинат повеќе од 3,5 милиони евра – објавува весникот.
Според новите прописи, нови возила се купуваат штом ќе им истечат гаранциите на старите или ако поминат 250.000 километри. Ваквиот пристап, според весникот, за време на пандемија е недозволив за државните функционери.
Дека ваквиот тренд на трошење народни пари од страна на балканските функционери не е новина и за време на пандемија покажува и неодамнешниот случај во соседна Србија.
Имено, поранешниот министер за култура на Србија, Владан Вукосавлевиќ, беше на нишан на критики на тамошната јавност затоа што тој во службениот автомобил имаше вградено фрижидер со државни пари за разладување на своите пијалаци.
Директорката на Фестивалот на игри во Белград (БФИ), Аја Јунг, неодамна изјави дека она што тој го оставил зад себе не може да го санираат дури три генерации, а во интервју за српски „Курир“ таа го откри интересниот факт дека Вукосавлевиќ инсталирал фрижидер во својот службен автомобил.
– Ништо што вреди да се спомене тука. Културата изгуби. Патувајте, господару, и не свртувајте се. Она што го оставивте зад вас, не може се поправи ниту за три генерации – рече Јунг.