Косовскиот министер за инфраструктура Паљ Лекај смета дека Владата предводена од Рамуш Харадинај ќе ја води земјата до крајот на својот четиригодишен мандат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерот и потпретседател на партијата на Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), изјави дека неговата партија е подготвена да излезе на вонредни избори веднаш годинава, но тврди дека опозицијата ги нема потребните гласови во Собанието за да ја урне актуелната Влада.
Лекај во интервју за порталот „Економиа онлајн“ (ekonomiaonline.com) и порача на опозицијата „да не се вознемирува“, оти „Владата ќе си го истера мандатот“.
– Ние како ААК сме секогаш подготвени да им одговориме на граѓаните и тоа што можам да го кажам е дека доколку опозицијата ги има бројките, ние како партија сме подготвени. Сепак, имам една порака за опозиција: Нека спијат мирно. Оваа Влада ќе го истера четиригодишниот уставен мандат и мислам дека е добро за нив да се активираат, изјави Лекај.
Актуелната Влада на Косово, на чело со Харадинај, беше формирана по вонредните парламнетарни избори одржани пред нешто повеќе од една година, што значи дека мандатот и истекува за околу три години.