Покрај веќе промовираниот отпор од косовскиот премиер Албин Курти, деновиве со „свое видување“ за целисходноста на постоењето на Отворен Балкан се огласи и грчкиот весник „Катимерини“, кој дава поинаква светлина на целиот процес
Неколку дена по промоцијата на Отворен Балкан, иницијатива што беше промовирана од лидерите на Албанија, Србија и на Македонија, се појавија првите политички коментари, кои даваат нова слика за можните реперкусии во геополитичките односи доколку идејата за Балкан без граници ја добие својата реализација. И покрај многуте резерви и сомнежи за остварување на замислата на тројцата лидери Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев, оваа идеја наидува на неодобрување од одредени надворешни кругови. Покрај веќе промовираниот отпор од косовскиот премиер Албин Курти, деновиве со „свое видување“ за целисходноста на постоењето на Отворен Балкан се огласи и грчкиот весник „Катимерини“, кој дава поинаква светлина на целиот процес, но и за тоа дека регионалното поврзување може да ѝ наштети и на европската интеграција!
– Таквото регионално партнерство очигледно не е лошо, иако изгледа малку веројатно со оглед на историските разлики што ги делат општествата и предизвикуваат етнички тензии. Вистинското прашање, сепак, лежи на друго место. Дали иницијативата Отворен Балкан е приоритет за српскиот Александар Вучиќ, Зоран Заев од Северна Македонија и албанскиот Еди Рама, или тоа е симболичен потег на тројцата лидери за да извршат политички притисок и да го уценуваат Брисел за пристапување во Европската Унија – пишува Ставрос Тзимас, во авторскиот текст објавен во грчкиот весник „Катимерини“.
Тој во продолжението на анализата отворено порачува дека тоа што „Рама, Вучиќ, Заев и другите одлучуваат да направат за да се случи овој мини-шенген не е од интерес за Европејците“, за потоа да додаде дека прашањето е „дали тие ги спроведуваат реформите потребни за влез во Европската Унија“?
– Што сакаа да кажат со нивната изјава, дека Западен Балкан едвај чека ЕУ да ги реши своите внатрешни проблеми за да можат тие да одат напред? И ако сметаат дека не можат да чекаат повеќе, дали имаат на ум дека ја напуштаат визијата за „европски Балкан“ – се прашува Тзимас.
Според него, има половична вистина во коментарите што беа слушнати на Отворен Балкан, односно за „неуспехот“ на ЕУ да одреди датум за почеток на пристапните преговори со Албанија и со Македонија, поради, како што пишува тој, „внатрешните прашања на ЕУ“. Другата страна на вистината е дека овие земји, делумно како резултат на изборот направен од нивните лидери, сѐ уште не се во состојба добро да се вклопат со другите општества на ЕУ, иако европските партнери ги сакаат под ист покрив, главно од геополитички причини.
– Значи, наместо да бараат алтернативи, можеби овие лидери треба да ги остават своите популистички и лични амбиции настрана и да вложат поголем напор за да ги исполнат критериумите што ќе ги поминат побрзо низ вратата на ЕУ. И тогаш тие можат да погледнат како нивните луѓе и стоки слободно циркулираат меѓу себе – затоа што благодарение на визите од Брисел, луѓето од Србија, Албанија и Северна Македонија веќе уживаат во бесплатните патувања во ЕУ. Значи, што ќе биде? „Отворен“ или „европски“ Балкан? Тројцата лидери мора да одлучат, стоејќи на двата брода тие им прават лоша услуга на своите луѓе – заклучува тој на крајот од коментарот.
Со негативни оцени за надградување на иницијативата Отворен Балкан се огласи и косовскиот премиер Албин Курти, која без каков и да е дипломатски речник, отворено се спротивстави на идејата за отворање на балканските граници за слободен проток на стоки и луѓе. Да потсетиме, лидерите на Албанија, Србија и Македонија на самитот во Скопје се договорија од 1 јануари 2023 година да бидат укинати граничните контроли меѓу трите земји, а во исто време ги повикаа и другите земји да се приклучат на иницијативата Отворен Балкан. Косово е категорично против вклучувањето на „тројниот“ економски сојуз, додека Босна и Херцеговина и Црна Гора засега се одлучуваат за неутрална позиција во поглед на поголемо економско интегрирање на земјите од Западен Балкан.
– Отворен Балкан повеќе личи на Балкан отворен за влијание од Истокот, особено од Русија и Кина, како и Балкан отворен за автократија, корупција… – изјави Курти, кој се заложи земјите од регионот да останат посветени на агендата на Европската Унија и на негувањето на трансатлантските односи, пренесе Радио Слободна Европа.
Концептот за поголема регионална економска соработка е промовиран од претходната американска администрација, а Косово со потпишувањето на Вашингтонскиот договор се согласи да се приклучи на иницијативата мини-шенген. Во септември минатата година тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во претседателскиот кабинет на Доналд Трамп го потпишаа договорот што предвидува неколку точки за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.