Лидерот на косовското движење Самоопределување, Албин Курти, во интервју за виенскиот весник „Стандард“ дадено непосредно пред вчерашните избори најави дека ќе ги укине таксите за српски производи, но ќе бара и реципрочни потези од страна на Белград, вклучително и воена отштета.
Курти исто така истакна дека ако стане премиер, ќе започне дијалог со Србите на Косово уште во првата недела од мандатот.
– Ниту еден премиер досега не го сторил тоа, но е многу важно. Во првиот месец, мора да видиме каде се наоѓаме по 33 договори што досега ги имаме склучено со Белград. Исто така со нетрпение очекувам да се сретнам со новиот висок претставник на ЕУ, Жозеф Борел. Сеедно ми е што е од Шпанија, земја што не го призна Косово – изјави Курти.
Тој посочи дека не е задоволен од претходната шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини, иако таа е од земја која го признава Косово.
Според него, важно е дијалогот да биде добро подготвен, бидејќи не може да се дозволи понатамошен неуспех.
На прашањето дали доколку стане премиер, тој ќе ги претставува и Србите на Косово, Курти одговори, „секако. Јас верувам дека ќе има Срби кои ќе размислат дали тоа го правам подобро од Вучиќ“.
Кога станува збор за таксите кои во моментов се на сила, Курти истакнува дека тие не се во склоп со негова политика.
– Таксите ќе ги замениме по принцип на реципроцитет. На пример, Белград мора да ги прифати нашите таблички и документи, на кои стои Република Косово. Сакаме да ја разјасниме и судбината на исчезнатите лица за време на конфликтот, без оглед на нивната националност, за да ги пронајдеме и исчезнатите Срби и Роми. Треба да се формираат здружени тимови на косовски, српски и меѓународни истражувачи за да се анализираат масовните гробници – смета Курти.
Сепак, тој верува дека Србија му должи на Косово воена компензација, пензиски фонд и 1.200 артефакти.
На прашањето зошто Приштина треба да постигне договор со Белград, Курти одговора дека добрососедските односи се важни и дека без взаемно признавање нема членство во ЕУ.