Борбата за живот и за парче леб за себе и семејството ги принудува луѓето илегално да заминуваат во други држави, каде што работат нелегално, за да заработат доволно финансиски средства за да преживеат. Ниту Македонија не е изземена од работата на нелегалните работници од странство, иако огромен е бројот и на Македонци што илегално работат во странство
НЕЛЕГАЛНА РАБОТА И ИЗМАМА СО ДОКУМЕНТИ ЗА ОДРЕДЕНИ БЕНЕФИЦИИ Е НОВИОТ ЕВРОПСКИ ПРОБЛЕМ ВО ПАНДЕМИЈАТА
Беспарицата несомнено води кон девијантни и криминални појави. Но исто така голем дел луѓе се охрабруваат и осмелуваат да тргнат „во белиот свет“ по работа, при што илегално заминуваат во странство и работат „на црно“. Имено, тие се впуштаат да работат илегално за да заработат финансиски средства со кои тие и нивната фамилија ќе можат да живеат. Најчесто станува збор за групи граѓани од сиромашни земји, каде што наоѓањето работа е многу тешко или, пак, платата што се добива како месечен надомест е екстремно ниска и со неа е невозможно да се прехрани едно четиричлено семејство. Најголем предизвик за овие лица што се во потрага по подобар живот се европските земји. За издвојување е дека ниту Македонија не е изземена од нелегалните работници, иако огромен е бројот и на Македонци што илегално работат во странство.
ГОЛЕМА ИСТРАГА НА ЕВРОПОЛ ЗА ИЛЕГАЛНИ РАБОТНИЦИ
На средината на минатиот месец, француската гранична полиција, романската и молдавската полиција, со поддршка од Европол, реализираа истрага со која успешно разбија организирана криминална група што работела со шверцување на мигранти, трговија со луѓе заради трудова експлоатација, измама со документи и измама за социјални бенефиции и перење пари.
Во акцијата беа пребарани 51 локација, 17 во Франција, 14 во Романија и 20 во Молдавија, беа реализирани 38 апсења, 28 во Франција, три во Романија и седум во Молдавија, беа запленети 19 возила, вклучувајќи 15 автомобили од висока класа, два џетски, оружје, телефони, околу 100.000 евра во готово, а беа замрзнати и 11 банкарски сметки.
– Истрагата за криминалната мрежа почна во 2018 година, кога полицајците пресретнаа комбе што превезуваше десет нерегуларни мигранти. Тие беа државјани на Молдавија и многумина од нив имаа фалсификувани романски лични карти. Криминалната група, организирана од романски државјанин што живее во Франција, прошверцувала најмалку 40 државјани на Молдавија за да ги експлоатира во градежниот бизнис во Франција – информираат од Европол.
Според истрагата, криминалната мрежа им доставувала на нерегуларните мигранти фалсификувани романски лични карти и возачки дозволи додека ги чувала нивните вистински пасоши како гаранција. Повеќето од шверцуваните лица имале ниско ниво на образование и затоа биле поранливи на експлоатација. Тие работеле 55 часа неделно за 60 евра на ден. Големи градежни и реновирачки компании исто така биле вклучени во криминалната шема. Оваа активност била крајно профитабилна, со нелегален профит проценет на речиси 14 милиони евра. Осомничените ги переле криминалните средства преку осум компании, повеќето од нив со седиште во Франција.
НА ИЛЕГАЛНИ РАБОТНИЦИ НЕ Е ИМУНА НИТУ МАКЕДОНИЈА
Ниту Македонија не е имуна на нелегални работници што работат во земјава на црно за да заработат некој денар.
Во јануари во Скопје, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север при БЈБ – МВР спроведоа контрола на градежни објекти на фирма од Република Турција, помеѓу булеварот Кирил и Методиј и улицата Јордан Мијалков, поради сомнение дека повеќе странски државјани непријавено работат на објектите и незаконски престојуваат во земјава. Притоа, на објектите биле затекнати 97 странски државјани што немаат регулиран престој и кои работат непријавени.
– Тие биле приведени и по целосното документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. Исто така, соодветни пријави ќе бидат поднесени против фирмата и против 15 други фирми-подизведувачи – истакнаа тогаш од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека само минатата година во земјава се откриени вкупно 154 лица што нелегално работеле или вршеле дејност во земјава.
– Сите имаат остварено легален влез и вршење дејност како градежни работници, келнери, танчарки, овчар, негувател на стари лица, асистент на универзитет, одгледувач и производител на канабис. Против сите лица се преземени мерки во согласност со Законот за странците во РСМ, по што им е изречена мерка протерување странец и за нив се издадени решенија за протерување од РСМ, изречена е забрана за влез во РСМ, а по спроведената прекршочна постапка им се изречени парични казни – информираат од МВР.