Првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска оцени дека скандирањето на името на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и изјавите од Приштина за сеалбанска победа, по повод изборите во црногорската општина Тузи, е најдобра потврда за големоалбанската политика, јавува МИА.
– Веројатно на сите им е јасно дека не е загрозен само територијалниот интегритет на Србија, туку и на Црна Гора, Северна Македонија и Грција. Секое понатамошно затворање на очите пред создавањето на Голема Албанија може да доведе до загрозување на мирот и стабилноста во регионот – рече Дачиќ во изјава за Танјуг.
Приврзаниците на албанските партии во подгоричката општина Тузи, во која живеат претежно Албанци, синоќа победата на локалните избори ја прославија со извикување „УЧК“ (ОВК) и со знамиња на Албанија, информира Танјуг.