Наводната руска шпионска мрежа за која се тврди дека делувала во Софија пред бугарските власти да ја разбијат минатата недела, не успеала да предизвика сериозна штета за безбедноста на Бугарија, како и за нејзините сојузници во НАТО, кажа бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во интервју за бугарската телевизија „БТВ“, додавајќи оти сите кои шпионирале за странска држава треба да бидат казнети.
– Тешко е да се каже дали протекле важни информации. Дел од нив беше јавен – посочи Каракачанов, наведувајќи дека групата од шестмина обвинети за шпионажа била надгледувана од бугарското воено разузнавање, контраразузнавање и обвинителството.
Бугарското обвинителство минатата недела спроведе акција против наводната шпионска мрежа за која се тврди дека одавала тајни на руската амбасада во Софија. Петмина од осомничените остануваат во притвор, додека еден од нив е пуштен да се брани од слобода бидејќи одлучил да соработува во истрагата, како што пренесува „Еурактив“.
Бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев соопшти дека биле откриени важни тајни кои имаат влијание врз безбедноста на Бугарија, НАТО и на ЕУ. Бугарските власти спомнаа протекување на информации во врска со модификациите на американските воени авиони Ф-16, кои Бугарија ги купи од САД минатата година.
Шпионската афера ја искоментира и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој на состанокот на шефовите на дипломатиите во Алијансата порача дека „НАТО во потполност ги поддржува напорите на Бугарија во борбата против злонамерната руска активност“.