Во Бугарија договорот за брак станува сè попопуларен, иако граѓаните сè уште имаат некои предрасуди
Во Бугарија, во периодот од 2009 до 2018 година, се склучени 4.526 брачни договори. Според податоците на Агенцијата за регистрација, само во 2018 година биле склучени 943 договори или 317 повеќе од претходната година. Во Бугарија годишно во просек се склучуваат околу 26.000 граѓански брака, пишува „Денес“.
– Со брачен договор на сегашните или идните сопружници им се овозможува да ги решат меѓусебно имотните прашања што произлегуваат во текот на бракот, како и при самото раскинување на бракот – објаснува Јулита Јанкова, правна советничка во правна фирма пред БНР.
На овој начин, тие можат да преговараат за тоа како да управуваат со стекнатиот имот за време на бракот и кој ќе го носи правото на сопственост. Најважно е што со ваков договор однапред се утврдува како ќе се подели стекнатиот имот кога ќе дојде до развод. Така, тие можат да го избегнат долгиот и тежок судски процес по делба на вкупниот имот, избегнувајќи ги тензиите и споровите меѓу двете страни и значителните трошоци што го придружуваат овој процес.
Договорот за брак е новина во бугарската легислатива. Како институт во семејното право, тој беше воведен на 1 октомври 2009 година со влегувањето во сила на новиот семеен законик. Откако ќе се склучи, потоа сè што се стекнало за време на бракот се смета за заедничка сопственост.
Според Јанкова, една од причините за зголемување на бројот на брачни договори е зголемената општа и финансиска култура на граѓаните. Со овој договор, разводот е брз и беспрекорен, и притисокот на јавноста за разводите не е толку силен. Затоа е разбирливо да се размислува порано за последиците од разводот и крајот на бракот, нагласува таа.
Најмногу брачни договори се склучени во Софија, Варна, Пловдив, Бургас и во Плевен. Нема правило кога да се потпише договор за брак. Правниот советник препорачува ова да се направи по стапувањето во брачна заедница, кога има поголема јасност во намерите за имотниот статус на двата брачни другари. Со договор и во зависност од интересите на двете страни, договорот може да се смени во секое време и да се прекине со раскинувањето на бракот.
Нема конкретен профил на луѓе што сакаат да потпишат договор за брак. Најчесто тоа се лица што за време на бракот веќе се стекнале некаков имот, кој сакаат да го поделат меѓу себе.
– Ако пред стапување во брак се склучува брачен договор, тоа се луѓе што се во зрела возраст, имаат сопствен бизнис или тој е стекнат со наследство. Поретко таков договор избираат млади луѓе, кои првпат влегуваат во брачна заедница, бидејќи до моментот на склучување на бракот сѐ уште не е јасно со каков имот ќе располагаат во иднина. Пресуден момент е и романтичното чувство при стапувањето во брак – објаснува Јулита Јанкова.
Договорот за брак станува сè попопуларен, иако сè уште има некои предрасуди околу тоа во бугарското општество. Една од главните заблуди е дека преку него материјалното богатство и парите се ставаат над љубовта и духовноста. Но според Јанкова, постигнувањето брачен договор е израз на почит меѓу сопружниците и можност на еден поинаков начин да се решат прашањата што неизбежно следуваат во заедничкиот живот или по неговото раскинување.