Граѓаните на Балканот манифестираат висок степен на политичка апатичност и еднакво не им веруваат на партиите на власт и во опозиција, покажуваат последните истражувања
Граѓаните од земјите на Западен Балкан имаат еднакво ниска доверба кон власта и кон опозицијата. Во Црна Гора 80 отсто од граѓаните веруваат дека власта може да се смени на избори, во Босна и Херцеговина и во Србија тој процент е околу 43 отсто, додека во Косово 56 отсто од гласачите веруваат дека е можна промена на власта на изборите. Најголема пречка за слободни и фер избори во земјите од регионот е притисокот врз гласачите. Изборниот успех на опозициските партии во голем степен зависи од оние граѓани што се плашат да не изгубат некои од погодностите во случај да не гласаат за владејачката партија. Задолжителното гласање во замена за еднократна услуга, социјални бенефиции и вработување во јавниот сектор се чести механизми за влијание и притисок врз гласачите. Ова се заклучоците од истражувањето што го спроведе Советодавната група за јавна политика на Балкан во Европа (БиЕПАГ), објавено на Радио Слободна Европа.
– Во сите анкетирани земји, освен во Косово, релативното мнозинство на испитаниците верува дека опозицијата не е добро организирана. Во просек околу 48 отсто од испитаниците веруваат дека опозицијата е целосно неорганизирана – се наведува во извештајот.
Најнеповолно мислење за опозицијата има во Србија, каде што 83 отсто од анкетираните искажале незадоволство од организирањето и дејствувањето на опозициските партии. Генерално во земјите од Западен Балкан промената на власта со нова политичка опција се одвива низ долг временски период. Тоа го покажува примерот со Црна Гора, но и со Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, па и со Хрватска, каде што главно преовладуваат националните партии.
По три децении во Црна Гора на парламентарните избори во август беше поразена Демократската партија на социјалистите, предводена од актуелниот претседател на државата Мило Ѓукановиќ.
– Опозицијата успеа да ги мобилизира граѓаните да излезат на избори на кои одзивот изнесуваше 79 отсто, и тоа во услови на пандемија. Најголем проблем за црногорското општество се клиентелизмот, организираниот криминал и корупцијата. Затоа кај граѓаните е присутно големото незадоволство кај граѓаните – вели Јована Маровиќ, извршна директорка на невладината мрежа „Политикон“ од Подгорица, во разговор за Радио Слободна Европа.
Вуја Илиќ, од центарот за истражување, транспарентност и одговорност ЦРТА од Србија, вели дека сите држави од Западен Балкан имаат слични проблеми кога станува збор за изборите.
– Во земјите е присутна недоверба во традиционалните политички актери и функционирањето на демократските институции, злоупотребата на изборниот процес, мобилизација на гласачката машина и пасивизирање на опозицијата. Така, изборите се неопходни за промени, но се недоволни за вистински промени – вели Илиќ.
Важно прашање е и кој ќе победи на претстојните избори на Косово, кое се наоѓа пред најголемата политичка и уставна криза и дали граѓаните ќе ги видат промените од промената на власта, смета Доника Емини, претставничка на невладините организации на Косово „ЦивиКос“.
– Граѓаните сакаат промени, но не посветуваат внимание за програмите и идеологиите на партиите што учествуваат во политичкиот натпревар. Во нивните програми се забележува „микс на левицата и десницата“ и гласачите не гледаат разлики меѓу нив – вели Емини за РСЕ.
Општата политичка апатија кај граѓаните што владее на Балканот се гледа и во Македонија. Според последното истражување на МЦМС и телевизијата Телма, чии резултати беа објавени на почетокот на годината, над 40 отсто од анкетираните се изјасниле дека нема да излезат на гласање или ќе го поништат гласачкото ливче (23,8 отсто) или одбиле да дадат одговор за кого би гласале (17,5 отсто). Ова покажува дека неопределените се најголемата политичка сила во земјата и се многу пред водечките политички партии во земјата. Двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, имаат речиси идентичен рејтинг, кој и за двете партии е историски најнизок, покажало ова истражување.
На прашањето: „Доколку утре се одржат парламентарни избори, за која партија би гласале?“, 18,6 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат за СДСМ, а 18,1 отсто ја избрале ВМРО-ДПМНЕ. Ова е историски ниска поддршка на овие две политички партии, која од ноември 2016 година не се спуштила под 20 отсто, соопштија од МЦМС.
Политичката состојба во Босна и Херцеговина личи на мочуриште во кое со години владеат националистичките лидери, а промените можат да се случат само на локално ниво, кога луѓето ќе ги видат со свои очи. Само тогаш кога ќе ги почувствуваат во практика тие ќе се уверат дека промените се можни, е заклучокот на политичкиот активист Бориша Фалатар.