Западен Балкан има потреба од Европската Унија и важно e Брисел да не го напушти оптимизмот дека иднината на регионот е во таа заедница, рече црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, по состанокот во Брисел, чиј домаќин беше високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, за лидерите на Западен Балкан, разговорот бил во насока на она што се случувало изминатите недели.
На средбата, рече тој, недвосмислено слушнал дека последните одлуки на ЕУ се разочарувачки и дека тие на некој начин го загрозиле кредибилитетот на политиката на Унијата кон земјите од Западен Балкан.
– Она што самата ЕУ го направи како заклучоци на самитот во Солун во 2003 година и ветувањата што ѝ беа дадени на секоја земја од нашиот регион поединечно, почнувајќи од Црна Гора, која го започна процесот на преговори пред седум години под јасни правила на игра, сега се ставаат под прашалник. Ние не сме само балкански земји, туку и европски земји, кои имаат потреба и можност да зборуваат за перспективата на нашиот заеднички европски дом – рече Ѓукановиќ.
На прошталната вечера со високата претставничка за надворешни работи и сигурносна политика, лидерите од Западен Балкан изразиле жалење во врска со одлуката на Европскиот совет за неотворање на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, но се согласиле дека европската интеграција на регионот претставува клучна и стратегиска цел што е во заеднички интерес на ЕУ.
Партнерите од Западен Балкан го потврдија своето силно определување за ЕУ-перспективите и спроведување на реформите што се во корист на граѓаните, како и за регионална соработка и добрососедски односи, соопштија од делегацијата на ЕУ и на БиХ.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по прошталната вечера со Могерини, порача дека стратегиската определба за ЕУ останува, но дека регионот треба повеќе да се сврти кон себе, откако Унијата одлучи да го стави на пауза проширувањето, јави дописничката од Брисел на МИА.
– Србија и другите земји од Западен Балкан продолжуваат по европскиот пат и ние се надеваме дека еден ден ќе станеме членки на ЕУ, она што е важно да се каже е дека добро ги разбираме поместувањата внатре во ЕУ, дека не е секогаш фер кога се менуваат правилата во текот на играта, но мораме да се навикнеме, ние сме мали, тие се големи и мораме во согласност со тоа да се однесуваме – наведе Вучиќ по средбата во Брисел.