Со отворањето нови можности за Кина во трговијата со ЕУ, се создаваат тешки услови за да спроведат Брисел и Вашингтон заедничка стратегија за политички реформи и економска модернизација во регионот
Сеопфатниот договор за инвестиции потпишан во декември лани, со кој на европските инвеститори им се обезбедува пристап на кинескиот пазар, истовремено заштитувајќи ги постојните права на Кина во трговијата со Европската Унија, овозможувајќи им пристап на кинеските компании до европските сектори на производство и обновливи извори на енергија, го става понастрана прашањето за економското присуство на Пекинг на Западен Балкан. Од друга страна, недостигот од координирано и стратегиско дејствување меѓу ЕУ и САД во односите кон Кина претставува ризик за евроатлантските интеграции на Западен Балкан, пишува во анализата на „Глобал риск инсајтс“.
Можни ли се промени во политиките на Кина во однос на Балканскиот Регион во случај на затоплување на односите меѓу Пекинг и Брисел и како тука ќе се вклопи и новата политика на американскиот претседател Бајден, се дел од прашањата што се отвораат во анализата. Во неа се дава и пресек на претходните обиди на Вашингтон за поактивно вклучување во решавањето на „балканските работи“, за кои приматот се обидува да го задржи Европската Унија.
Претходната администрација на САД, кон крајот на претседателскиот мандат на Доналд Трамп, се обиде да ги „засили“ своите позиции во регионот, со потпишувањето на договорот за обвновување на економските односи меѓу Србија и Косово. Сепак, на овој договор се гледаше повеќе како на надворешнополитички трик отколку на како сериозен американски ангажман во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Овој договор можеби ги задоволи надворешнополитичките интереси на администрацијата на Трамп, но тој е проблематичен за агендата за проширување на ЕУ. Дел од договорот вклучуваше обврзување на Србија да ја премести својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Оваа одредба е во спротивност со усогласеноста со европската надворешната политика, што е клучен критериум за членство во ЕУ.
Неговото потпишување, исто така, непотребно ги влоши политичките тензии во регионот и го оштети напредокот на Косово кон пристапувањето во ЕУ. Владата на Курти, која спроведуваше антикорупциска агенда, поднесе оставка по нејзиното одбивање да ги укине царините за увоз на српските производи, што предизвикуваше фрустрации во Белград и во Вашингтон.
Сеопфатниот договор за инвестиции со Кина ѝ дава економски придобивки на ЕУ, но тоа ќе има последици за трансатлантските односи, исто како што Вашингтон и Брисел сметаат дека е тешко да соработуваат за длабоко вкоренетите политички прашања со кои се соочува Западен Балкан, се заклучува во текстот на „Глобал риск инсајтс“. Одлуката на Брисел да потпише договор со Кина уште повеќе ќе ѝ отежне на ЕУ да ја координира стратегијата со Вашингтон за соочување со политичко опкружување на Западен Балкан, кое во моментов не е во насока на побрза евроатлантска интеграција на регионот.
Администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден се надева дека тој ќе продолжи со надворешната политика на неговиот претходник во постигнувањето долгорочно решение меѓу Косово и Србија и повторно ќе се вклучи во процесот за прашањата во врска со пристапувањето на Балканот во ЕУ. Сепак, со отворањето нови можности за Кина во трговијата со ЕУ, се создаваат тешки услови за да спроведат Брисел и Вашингтон заедничка стратегија за спроведување политички реформи и економска модернизација во регионот.
Еден од клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во процесот на проширување на ЕУ е недостигот од значителен напредок во однос на корупцијата и владеењето на правото.
Наспроти ова е Кина, која ѝ отежнува на Европа да ги стимулира реформите што го унапредуваат процесот на пристапување во ЕУ. Одлуката на српскиот претседател, Александар Вучиќ, да се сврти кон Пекинг за испорака на вакцините против ковид-19, со оглед на тешкотијата со која се соочува ЕУ со набавките за вакцини, го илустрира обемот на политичкото присуство на Кина во регионот.
Со официјален кинески пристап до европскиот сектор на производство и обновливи извори на енергија, на Србија ќе ѝ биде тешко да ја надмине зависноста од Кина поради инвестициите во српската тешка индустрија на Србија. Со оглед на недостигот од транспарентност во кинеските инвестиции на Западен Балкан, кинеско-европскиот договор го става Брисел поназад во соработката со новата американска администрација за справување со корупцијата и реформите на владеењето на правото.
Инвестицискиот договор меѓу ЕУ и Кина, исто така, веројатно ќе ја поткопа транзицијата на обновлива енергија, што е клучна област за политиката за која се залага Бајден. Кина моментално зазема силна позиција на српскиот пазар на енергија. Како дел од иницијативата за „Појас и пат“, преку кинески банки Србија се задолжи со 608 милиони американски долари за изградба на централа со лигнит од 350 мегавати.
Бидејќи постојните права на кинеските компании на пазарите во ЕУ се заштитени, нема да биде лесно за Европа да се натпреварува со економското присуство на Кина во регионот за време на спроведувањето на европскиот Зелен договор. Просторот со кој се дозволува поголемо кинеско присуство во Европа значи дека Пекинг може да продолжи со политичката моќ во Западен Балкан. Договорот исто така ја става ЕУ во конкурентска неповолност во енергетскиот сектор, со што се ризикува во обновување на заедничката иницијатива меѓу ЕУ и САД за унапредување на транзицијата кон обновлива енергија, се заклучува во анализата на „Глобал риск инсајтс“.