Иако сѐ уште незаживеан во практиката, „Стратегискиот компас“ за безбедност и одбрана, кој е претставен како резултат на подолгорочна дебата меѓу највисоките претставници на Унијата во Брисел, предизвика многу контроверзии во експертската јавност. Овој напор да се усогласи стратегиското размислување на 27-те европски членки, секоја со своја надворешна и одбранбена политика, требаше да биде основен документ за геополитичка Европска Унија. Но како стратегија, замислена и во голема мера подготвена пред украинскиот конфликт да го промени досегашното сфаќање на светот, „Стратегискиот компас“ едноставно беше „преклопен“ од динамичниот развој на настаните во светот

Уште незапочната, заедничката стратегија на ЕУ од областа на безбедноста и одбраната – застарена?!

Европа одамна размислува за својата стратегиска автономија. Тој концепт не е нов, се разработува со години, но никогаш не заживеа во практиката. Како што минуваше времето, тој концепт за европска автономија, наречен „Стратегиски компас“, веќе почна да застарува, но сѐ уште има свои жестоки приврзаници.

„Стратегискиот компас“ е првата заедничка стратегија на Алијансата во областа на
безбедноста и одбраната

Како што веќе пишувавме во „Нова Македонија“, неодамна во Брисел, на лидерскиот состанок на земјите-членки на Европската Унија, документот наречен „Стратегиски компас“ конечно доби зелено светло. „Стратегискиот компас“, всушност, е првата заедничка стратегија на Алијансата во областа на безбедноста и одбраната, па токму затоа ѝ го привлекува вниманието на пошироката јавност.
Со документот, земјите-членки се согласуваат за заедничка стратегиска визија за улогата на Унијата во безбедноста и одбраната и се обврзуваат на серија конкретни постапки за постигнување на тие цели во следните од пет до десет години. Тој вклучува планови за развој на „капацитет за брзо распоредување на ЕУ“ што би можел да му овозможи на блокот „брзо распоредување до 5.000 војници“ за различни видови кризи. Земјите-членки имаат и ќе имаат свои армии, но во рамките на „компасот“ се обврзуваат како и кога да соработуваат поблиску.

Почнаа да се појавуваат првите пречки

Иако сѐ уште незаживеан во практиката, „Стратегискиот компас“ за безбедност и одбрана, кој е претставен како резултат на повеќемесечна дебата меѓу највисоките претставници на Унијата во Брисел, предизвика многу контроверзии во експертската јавност. Овој напор да се усогласи стратегиското размислување на 27-те европски членки, секоја со своја надворешна и одбранбена политика, требаше да биде основен документ за геополитичка Европска Унија. Но како стратегија, замислена и во голема мера подготвена пред украинскиот конфликт да го промени досегашното сфаќање на светот, „Стратегискиот компас“ едноставно беше засенет од настаните.
Еден од најжестоките поддржувачи на овој проект е Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ, кој даде сè од себе за проектот да заживее што побргу. Тој во многубројните јавни настапи, но и во директните средби со лидери на земјите-членки, па дури и со земјите-кандидати, потенцираше дека „украинскиот конфликт ја нагласува итната потреба за голема промена во безбедноста и одбраната на ЕУ“.
Приврзаниците на оваа идеја се обидуваа да го спроведат концептот во дело, но истовремено почнаа да се појавуваат првите показатели дека работите нема да се одвиваат толку лесно како што замислија неговите иницијатори. Како што укажуваат неговите критичари, „самиот Компас е полн со вообичаената процесна постепеност, која треба да се имплементира во текот на една деценија, и обвиена во конвенционални размислувања за опасниот свет во кој живееме и за потребата на ЕУ да биде партнер со сите“.
Можеби највпечатлив пример за тоа како „Стратегискиот компас“ сега е застарен е идејата за капацитет 5.000 сили на ЕУ за брзо распоредување. Ова секогаш беше сомнителен предлог: по неуспехот на Унијата да ја исполни својата цел за интервенциски сили од 60.000 припадници и сличен недостиг од успех со последователните (и никогаш неискористени) борбени групи од 1.500 припадници, се чини дека нема очигледна причина зошто Европејците или кој било друг треба сериозно да ја сфати оваа нова иницијатива. Ова е особено точно кога со нив треба да се командува, но не од оперативен штаб на ЕУ, туку од нешто што се нарекува „Европски капацитет за воено планирање и спроведување“, со што индиректно се признава дека постои недостиг од работна сила, објекти и комуникации.
Она што навистина ја закочува и ја доведува во прашање оперативната страна на агендата на „Стратегискиот компас“ е истото тоа што ги стесни воените аспирации на ЕУ од самиот почеток, а тоа е неподготвеноста на лидерите во Европа да го сфатат сериозно потфатот. Поимот за интервентни операции на ЕУ изгледа аматерски и ризичен без да биде поддржан од страна на САД. Сега, кога НАТО доби свежа сила и ја преиспита целата своја одбранбена положба против Русија, никој нема да брза да формира нова сила на ЕУ.

Потребен е „квантен скок“ за да почнат сериозно да ја сфаќаат одбраната

И во овој случај доаѓа до израз она што се нарекува класичен проблем за колективна акција: сите се согласуваат дека поблиската интеграција на европските одбранбени напори и ресурси е од суштинско значење, но секој сака некој друг да го скрши мразот. Тешката вистина е дека трошењето и дуплирањето на трошоците за одбрана низ Европа не се грешка, туку карактеристика на системот.
Борел тврди дека овој пат ќе биде поинаку, бидејќи Компасот „е документ на земјите-членки сега усвоен од Европскиот совет“. Со осум милијарди евра што треба да се потрошат во текот на седум години за субвенционирање на заедничките одбранбени набавки и истражувања и со новиот генерален директорат за одбранбена индустрија и простор, Комисијата има цел да ги мотивира националните влади за поефикасно да ги трошат нивните буџети за одбрана. Во „Стратегискиот компас“ се предвидени и дополнителни стимулации, вклучувајќи и даночни олеснувања.
Се разбира, земјите-членки со задоволство ќе ги земат сите понудени бесплатни пари, но истовремено ќе продолжат да ги искористуваат дупките за „националната безбедност“ во договорите на ЕУ за да продолжат како порано. „Квантниот скок“ нема да се случи додека критичната маса земји-членки не заклучат дека навистина мора да почнат сериозно да ја сфаќаат одбраната. Борел смета дека сега е вистинското време. Но како што укажуваат критичарите на овој концепт, европските лидери треба да го признаат она што се премолчува, а тоа е дека Американците се присутни само за време на актуелната криза и дека без оглед на исходот од претседателските избори во САД, Вашингтон наскоро ќе им порача на Европејците самите да ја обезбедат сопствена одбрана, а ќе биде присутен со мала помош во разузнавачките и нуклеарните капацитети.
На Европа не ѝ треба компас, туку вистинско разбирање на опасностите во кои залута. Потребна е голема корекција на курсот, и тоа е потребен итен, вистински напор да се постигне одбранбена интеграција за која Европејците толку многу разговараа и направија толку малку за да ја спроведат во изминатиот четврт век. Би било убаво да се мисли дека лидерството за овој напор може да се појави во Европа, можеби од партнерството меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон. Поверојатно, и како и обично, Европејците ќе чекаат САД да им кажат што да прават, додека заминуваат за Пацификот.

Подготвил: Марјан Велевски