Американскиот претседател Џо Бајден пристигна денеска во Киев на ненајавена средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Јавната маршрута на американскиот претседател сугерираше дека тој ќе ја посети Полска, но Бајден штотуку пристигна во главниот град на Украина.
Воздушна тревога е прогласена ширум Украина откако се појавија гласини дека висок функционер ќе дојде во ненадејна посета на Киев. Центарот на Киев е блокиран, а социјалните мрежи се преполни со снимки од невообичаено долга колона возила.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека тој и американскиот шеф на државата Џо Бајден разговарале за обезбедување оружје со голем дострел на Украина за време на неговата ненадејна посета на Киев. Бајден, од своја страна, најави дека Украина ќе добие нов пакет воена помош од 500 милиони долари, што ќе биде објавен утре.
„Њујорк тајмс“ објави дека американскиот претседател Џо Бајден пристигнал во Киев по едночасовно возење со воз од границата со Полска. Беше снимен во главниот град на Украина заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски при посета на црква.
Весникот ја оквалификува посетата како „демонстрација на решителноста на неговата администрација во пресрет на едногодишната руска инвазија на земјата“.
Белата куќа претходно соопшти дека Бајден нема да ја посети Украина во пресрет на годишнината од војната со Русија, туку дека ќе изрази континуирана американска поддршка за Украина додека е во соседна Полска, каде што ќе биде од утре.