Фото: Влада

Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека го помилувал својот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.

Бајден рече дека потпишал помилување за неговиот син Хантер вчера, иако откако ја презеде функцијата рече дека нема да се меша во одлуките донесени од судовите и Министерството за правда.

Тој изјави дека до сега останал на таа одлука, иако, како што навел, гледал како неговиот син „неправедно го гонат“.

Во помилувањето се наведува дека Бајден му дал „целосно и безусловно“ помилување на Хантер Бајден за какви било прекршоци помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември оваа година.

Бајден оцени дека Хантер бил кривично гонет само затоа што е негов син.

Во првата реакција по одлуката на Бајден, Трамп се огласи на социјалната мрежа „Truth Social“ и го спореди потегот со одлуката во која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.
-Дали помилувањето на Џо за Хантер ги вклучува и заложниците Ј-6 (6 јануари) кои сега се во затвор со години? Каква злоупотреба и потфрлање на правдата! – објави Трамп.

Слична реакција имаше и неговиот син Доналд Трамп Помладиот.

-Сите знаеја дека ќе го направи тоа. Тој само сакаше да ја донесе таа одлука во време кога тоа веќе не претставува можна последица за демократите – рече Трамп Помладиот.

Потегот на Бајден го коментираше и портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг.

-Тој правосуден систем мора да се поправи, а процесите да станат валидни. Токму тоа ќе го направи претседателот Трамп кога ќе се врати во Белата куќа, со огромен мандат од американскиот народ – заклучи тој.


Захарова: Помилувањето на Хантер Бајден е „карикатура на демократијата“

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска ја коментираше одлуката на американскиот претседател Џозеф Бајден да го помилува својот син Хантер во две судски постапки, оценувајќи ја таа постапка како „карикатура на демократијата“.

-Тоа е карикатура на тема демократија – изјави денеска Захарова во коментар за одлуката на Бајден.