Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека имал долг разговор со американскиот претседател Џо Бајден, на кој разговарале за заедничките активности за намалување на тензиите во односите со Русија.
Вашингтон ја поддржува Украина во кризата предизвикана од акумулацијата на руски воени трупи на нејзината граница, која Украинците ја сметаат за закана и нарушување на националната безбедност, додека Русија негира дека планира напад врз соседната земја.
Белата куќа објави официјално соопштение во кое се наведува дека претседателот Бајден во разговорите со својот украински колега ја повторил подготвеноста на Вашингтон за решителен одговор во случај Русија да ја нападне Украина. Во соопштението, исто така, се вели дека Бајден рекол дека САД бараат начини да обезбедат дополнителна макроекономска поддршка за да и помогнат на економијата на Украина поради притисокот од трупањето руски војници во пограничната област.
Русија, пак, вели дека гледа „мал простор за оптимизам“ во решавањето на кризата откако САД ги отфрлија главните барања на Русија.
-Претседателот Бајден рече дека постои јасна можност Русите да ја нападнат Украина во февруари. Тој тоа го кажа јавно и за тоа предупредуваме со месеци – рече портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Емили Хорн.
САД побарале итен состанок на Советот за безбедност за Украина. Тие испратиле барање за свикување на состанок на Советот за безбедност на ОН за Украина на 31 јануари, соопшти американската мисија во ОН.