Пронајдени се 29 тела на загинати во авионската несреќа во Непал, соопшти полицијата, јави ДПА.
Авион со 72 патници се урна денеска во Непал. Авионот АТР72 на авиокомпанијата Јети ерлајнс (Јети ерлајнс) летал од Катманду кон Похара и при слетувањето се урнал и се запалил, јавија светските агенции.
Во авионот имало 68 патници и четворица членови на екипажот, изјави портпаролот на авиокомпанијата, додавајќи дека не се знае дали има преживеани.
Авионот се урнал меѓу стариот и новиот аеродром Похара во централен Непал, 200 километри западно од Катманду.
– Трупот на авионот бил во пламен, а спасувачите се обидувале да го изгаснат пожарот – изјави локален претставник на Гурудут Дак.
– Во тек се напори за гаснење на пожарот и извлекување на преостанатите тела – изјави за ДПА Рудра Тапа, претставник на локалната полиција, стационирана во близина на местото на несреќата.
Околу 300 лица од службата за Итна помош, како и членови на армијата помагаат во спасувачките напори.
Покрај непалските државјани, во авионот имало и Индијци, Руси, Корејци и по едно лице од Ирска, Аргентина и Франција, јавија индиските агенции, повикувајќи се на аеродромските власти.