Авганистан и Пакистан се согласија за итен прекин на огнот за време на разговорите што ги организираше Катар – соопшти изутринава Министерството за надворешни работи на Катар.
Договорот следи по продолжувањето на примирјето меѓу двата јужноазиски соседа по една недела жестоки судири.
Министерството за надворешни работи на Катар соопшти дека Авганистан и Пакистан се согласиле за примирје за време на вчерашните разговори со посредство од Катар и Турција.
Кабул и Исламабад се согласија да одржат дополнителни состаноци во наредните денови „за да се обезбеди одржливост на примирјето и да се потврди неговото спроведување на кредибилен и одржлив начин“.
Двете земји претходно соопштија дека водат мировни разговори во Доха откако во судирите загинаа десетици, а стотици беа повредени во најлошото насилство меѓу Авганистан и Пакистан откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул во 2021 година.
Официјални претставници од двете земји претходно изјавија дека се очекува авганистански и пакистански делегации, предводени од нивните министри за одбрана, да се сретнат во Доха.
Граничниот конфликт ескалираше од 10 октомври, при што и Исламабад и Кабул изјавија дека реагираат на вооружени провокации од другата страна.