Фото: Пиксабеј

Првпат во историјата, астронаути од Индија, Унгарија и Полска пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (МВС), јави ДПА.

Капсулата „Кру драгон“, во која се наоѓаа тројцата астронаути заедно со поранешната американска астронаутка Пеги Витсон, денеска се спои со МВС во 10:31 GMT, соопшти НАСА.

Лансирањето беше извршено од базата Кејп Канаверал во Флорида, со ракета „Фалкон 9“ на компанијата „Спејс Икс“ на Илон Маск, 30 часа претходно.

Ова е четвртата комерцијална мисија на „Аксиом спејс“ од Хјустон, во соработка со НАСА и „Спејс Икс“. Додека Витсон има повеќекратно искуство во вселената, за тројцата астронаути ова е прв лет.

Индиецот Шубханшу Шукла е припадник на воздухопловните сили на Индија, додека Унгарецот Тибор Капу и Полјакот Славош Узнански-Вишњевски се инженери.

Претставници од овие земји и порано летале во вселената – преку руските мисии „Сојуз“ во 1970-тите и 1980-тите – но никогаш досега не биле дел од екипаж на МВС.

Мисијата „Ax-4“ ќе трае околу две недели, во текот на кои екипажот ќе спроведе научни експерименти. На МВС веќе престојуваат и астронаути од САД, Јапонија и Русија.

Според медиумите, секое место на ваков лет чини околу 80 милиони долари. Првата приватна мисија на „Axiom“ се одржа во 2022 година, а најдолгата – од речиси три недели – беше реализирана во 2024.