Инвестициите во проекти од интерес на јавното здравство како дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“ се зголемиле за 246 отсто минатата година, како одговор на пандемијата на ковид-19, и изнесувале 450 милиони долари
Кина ќе го финансира јавното здравство во државите што ги вклучува иницијативата „Појас и пат“
Центарот за зелени финансии и развој на универзитетот „Фудан“ во Шангај подготви анализа за инвестициите во проекти од интерес на јавното здравство како дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“. Според податоците од анализата, објавени деновиве, инвестициите се зголемиле за 246 отсто минатата година, како одговор на пандемијата на ковид-19.
Покрај промената на фокусот на светскиот инфраструктурен план на претседателот Си Џинпинг, вкупните финансии и инвестиции сепак изнесуваа 59 милијарди долари во 2021 година, во споредба со 60,5 милијарди долари претходната година. Анализата на „Фудан“ покажа дека инвестициите од иницијативата „Појас и пат“ во изградбата на објекти наменети за здравствениот сектор се зголемиле во истиот период од 130 милиони долари во 2020 година на 450 милиони долари лани.
Во извештајот се вели дека вкупниот ангажман во иницијативата „Појас и пат“ минатата година бил поделен на 13,9 милијарди долари во инвестиции и 45,6 милијарди долари во договори, делумно финансирани од кинески заеми. Извештајот не откри проекти за изградба на централи на јаглен за 2021 година, што е во согласност со ветувањето на кинескиот претседател дека Кина повеќе нема да финансира такви проекти во странство. Според извештајот, финансиите и инвестициите во зелена енергија достигнаа до 6,3 милијарди долари, во споредба со 6,2 милијарди долари во 2020 година.
Како што повеќепати јавно истакнуваа највисоките кинески претставници, од својот почеток во 2013 година, иницијативата „Појас и пат“ главно се фокусираше на јавни инфраструктурни проекти што ги поврзуваат Азија, Европа и Африка во современиот пат на свилата. Во планот досега се вклучени вкупно 144 земји.
Кина сака да биде лидер во одговорот на пандемијата во светот
Некои од водечките проекти во иницијативата беа одложени поради недостиг од работна сила и суровини, бидејќи владите воведоа ограничувања за патувања и строги гранични контроли поради пандемијата на ковид-19. Но порастот на инвестициите во јавното здравство, исто така, беше поттикнат од официјалните повици за поголемо вклучување на иницијативата „Појас и пат“ во секторот, бидејќи Кина има цел да ја зацврсти својата улога како лидер во одговорот на пандемијата во светот, наведува „Саут чајна морнинг пост“ во анализа на оваа тема.
Во прилог на ова одат и зборовите на министерот за надворешни работи Ванг Ји во 2020 година, кој рече дека светските напори за ограничување на пандемијата треба да се координираат и вети дека Кина ќе развие „Пат на свилата што ќе го опфаќа и здравството“. Националната комисија за развој и реформи, која ги надгледува проектите што се дел од иницијативата, во ноември соопшти дека програмата покажала целосна флексибилност за време на пандемијата, бидејќи повеќе земји се приклучија на нејзините напори за соработка во здравството.
Од своја страна, Доран Ела, постдокторски соработник на институтот за меѓународни односи „Леонард Дејвис“ на Еврејскиот универзитет, ги анализираше податоците од Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата (АИИБ) и откри слична промена на финансирањето на јавното здравство и проектите за подобрување на економската флексибилност на нејзините членови. Ела смета дека јавноздравствената криза се должи на недоволното инвестирање на земјите, особено на земјите во развој во нивните капацитети за јавно здравје, вклучувајќи инфраструктура, технологии, фармацевтски производи и опрема. Тој додаде дека шемата за финансирање на банката вклучила набавки на многу производи и опрема поврзани со јавното здравје, како и вакцини, од кинески компании.
Голема промена во фокусот на иницијативата
Во извештајот на универзитетот „Фудан“ беше откриена уште една голема промена во фокусот на иницијативата „Појас и пат“, а тоа беа инвестиции на Блискиот Исток и Африка, кои минатата година се зголемија за околу 360 проценти. Најмногу инвестиции во 2021 година беа наменети за Ирак, кој доби 10,5 милијарди долари за инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја и постројката за тешка нафта Ал-Каират во провинцијата Карбала.
Кинеската компанија „Синопек“ го доби договорот за развој на ирачкото гасно поле Мансурија во близината на границата со Иран. Кина и Ирак исто така соработуваат за изградба на аеродром, користење соларна енергија и други проекти.