Дваесет и две арапски земји апелираа до Советот за безбедност на ОН да побара итен прекин на огнот во Газа и непречена хуманитарна помош и да спречи какво било префрлање на Палестинците од таа територија.
Претседавачот на арапската група овој месец, амбасадорот на Тунис во ОН, Тарик Ладеб, синоќа изјави дека околу 1,5 милиони Палестинци кои избегале од конфликтот во јужниот град Рафа ќе се соочат со „катастрофално сценарио“ доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху започне потенцијална евакуација на цивилите и воена офанзива во областа на границата со Египет.
Алжир, арапскиот претставник во Советот за безбедност на ОН, пред две недели сподели нацрт-резолуција со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот и непречен хуманитарен пристап, како и отфрлање на принудното раселување на палестинските цивили, што е тема на интензивни дискусии.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд минатата недела изјави дека резолуцијата може да ги загрози „чувствителните преговори“ насочени кон постигнување пауза во војната меѓу Израел и Хамас и ослободување на некои од заложниците земени за време на ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври врз јужниот дел на земјата.
Ријад Мансур, палестинскиот амбасадор во ОН, синоќа изјави дека има голема поддршка за резолуцијата и дека арапските дипломати имале многу отворени дискусии со американската амбасадорка обидувајќи се да добијат поддршка од САД.
– Веруваме дека сега е крајно време Советот за безбедност да одлучи за резолуција за хуманитарен прекин на огнот по 131 ден – рече тој.
Некои арапски земји се залагаат за гласање за алжирскиот нацрт оваа недела, но неколку арапски и други дипломати во Советот за безбедност на ОН рекоа дека гласањето е веројатно следната недела, за да се даде повеќе време за преговори со САД за да се избегне вето.