Најголемата светска економија на прагот на длабока рецесија
Американските федерални резерви ја подигнаа краткорочната референтна каматна стапка и прогнозираат забавена економија и раст на невработеноста во наредните месеци. Годинава, Централната банка веќе двапати ја покачуваше каматата за да ја спречи инфлацијата, која според последните податоци достигна 8,6 отсто
Нивото на инфлација во Соединетите Американски Држави ги надмина очекувањата на експертите, а последните податоци за најголемата светска економија внесоа песимизам кај економистите. Некои од нив проценуваат дека на САД им се заканува длабока рецесија, од која може да бидат зафатени и другите економии, кои би влегле во инфлаторна спирала. Зголемувањето на каматите од 0,75 отсто претставува силно заострување на монетарната политика, а повеќе експерти предвидуваат пад на економските активности. Со први најави за рецесија во втората половина од годината излегоа лидерите на големи корпорации, а најавите за голема економска криза станаа доминантна тема кај претставниците на стручната и бизнис-заедницата, чии предвидувања се разликуваат само за почетокот и длабочината на кризата.
Американските федерални резерви (ФЕД) ја подигнаа краткорочната референтна каматна стапка и прогнозираат забавена економија и раст на невработеноста во наредните месеци. Тоа е најголемо зголемување на каматата за американската Централна банка од 1994 година. Одлуката била донесена по објавувањето на податоците дека не е остварен поголем успех во борбата против растот на инфлацијата. Официјалните лица на Централната банка одлучија да ја усогласат монетарната политика со промени на финансиските пазари.
Годинава американската Централна банка веќе двапати ја покачуваше каматата за да ја спречи инфлацијата, која според последните податоци достигна 8,6 отсто. Овој податок беше шок за стручната јавност, која очекуваше забавување на стапката на растот на цените. Потегот на ФЕД предизвика промени во прогнозите на Волстрит за можниот раст на САД, а аналитичарите од целиот свет велат дека ризиците од рецесија растат. Официјалните лица на ФЕД предвидуваат подигнување на стапката на околу 3,8 отсто во 2023 година. Наглото зголемување на каматните стапки ќе ги зголеми и трошоците за задолжување во економијата, а можно е да се предизвика и мала рецесија на средината на 2023 година. Сеема Шах, главниот стратег во компанијата „Принципал глобал инвесторс“, изјави дека ажурираните економски прогнози на ФЕД сугерираат дека рецесијата може да е на пат, иако други експерти велат дека таквата судбина може да се избегне.
Официјални лица од финансиските институции прогнозираат дека каматите ќе се зголемат на 3,4 и 3,8 отсто во 2023 година. Како дополнителни притисоци на инфлацијата се војната во Украина и кинеската политика за воведување карантин против ширењето на коронавирусот во оваа земја.
Федералните резерви предвидуваат дека економскиот раст во САД годинава ќе забави на 1,7 отсто, додека невработеноста до крајот на годината ќе порасне на 3,7 отсто. По оваа објава, вредноста на акциите на берзите падна, додека вредноста на американскиот долар порасна во однос на повеќе валути. Претходно нагло падна вредноста на биткоинот, бидејќи главниот заемодавец на криптовалути доживеа неуспех и ги забрани сите трансакции од својата платформа, поради „екстремни пазарни услови“. Биткоинот падна за повеќе од 14 проценти, на вредност помала од 23.400 долари. Ова е состојба на ниво од крајот на 2020 година.
Американскиот претседател Џозеф Бајден за предупредувањата од економистите дека САД се движат кон рецесија изјави дека таа во САД не е неизбежна и дека има причини за оптимизам.
– Како прво, рецесијата не е неизбежна, а како второ ние сме во посилна позиција од која било нација во светот за да ја надминеме оваа инфлација – изјави Бајден во интервју за АП.
Тој го поткрепува оптимизмот со релативната сила на Америка во светот. Бајден потсети дека американскиот народ е погоден од пандемијата на коронавирусот и економската нестабилност, а сега и од растечките цени на горивата, кои се одразуваат на семејните буџети.