Американсканската министерка за финансии Џенет Јелен пристигна во ненајавена посета на Украина за да ја потврди американската поддршка за Киев во војната со Русија.
Јелен се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други клучни владини претставници само неколку дена по првата годишнина од почетокот на војната и ги повтори гаранциите дадени минатата недела од претседателот Џо Бајден во Киев.
– Америка ќе ја поддржува Украина колку што е потребно – му рече Јелен на украинскиот премиер Денис Шмигал.
Тој, од своја страна, изјави дека двајцата разговарале за заострување на американските санкции против Русија, како и за „заплена на замрзнати руски средства и нивна употреба за потребите на обновата на Украина“. Но, Јелен им рече на новинарите за време на телефонскиот брифинг дека сè уште има значителни правни пречки за целосно запленување на имотот на руската централна банка во вредност од 300 милијарди долари.
Јелен најави и доставување на првите 1,25 милијарди долари од новата транша финансиско-економска помош од Вашингтон за Украина во вкупна вредност од 9,9 милијарди долари.
Министерството за финансии на САД соопшти дека за време на нејзиниот состанок со Зеленски, Јелен го пофалила за неговото „лидерство и решителност во однос на незаконската и неиспровоцирана војна на Русија“.
Министерството додава дека при разговорот Јелен ги поздравила и постапките на украинскиот претседател за подобрување на административното управување со Украина и борбата против корупцијата – мерки неопходни како гаранција дека американската економска помош ќе се троши одговорно.