Црното Море секогаш создавало повеќе историја отколку што може локално да консумира, а од почетокот на војната во Украина продукцијата се одвива со алармантна брзина, пишува „Форин полиси“. Морето на кое излегуваат три членки на НАТО, како и Русија и Украина, претставува поприште на воени пресметки и на дипломатски активности во текот на 14-месечниот оружен судир во Украина.
Контролата врз Црното Море е централна компонента во руската стратегија во војната и една од главните причини за анектирањето на Крим во 2014 година. За Вашингтон и за сојузниците во НАТО, пак, спротивставувањето на руското влијание во Црното Море е од клучно значење за враќање на влијанието во југоисточниот дел на Европа, како и за одржување на протокот на клучните стоки до пазарите на Средниот Исток и во Африка. Сега постои засилена определба во Вашингтон и во Брисел за ставање на Црното Море во средиштето на стратегијата на НАТО, според американскиот магазин.
– Дозволувајќи ѝ на Русија да ги дефинира правилата во Црното Море ги става нашите сојузници и интереси во ризик и заслужува сопствена стратегија, за да се осигуриме дека Владимир Путин не може да стекне сигурна позиција таму – истакна американската сенаторка Џин Шахин.
Таа заедно со колегата Мит Ромни претстави легислатива чија цел е поттикнување на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да осмисли стратегија за Црното Море, а се залага и за зголемено воено присуство и економска вклученост на САД во регионот.
Дипломатски извори на „Форин полиси“ велат дека Црното Море создава одреден конфликт помеѓу стратегијата на НАТО за источното крило и западните политики за јужното крило и Средниот Исток, што Алијансата треба да го реши додека се подготвува за долгорочно соочување со Русија. Дебатата за вклучување на Црното Море во западната стратегија за Русија зема замав во пресрет на самитот на лидерите на Алијансата што треба да се одржи налето во Вилнус, Литванија, како и пред најавуваната украинска пролетна контраофанзива на фронтот.
Осмислувањето на јасна стратегија не е лесно, земајќи ја предвид улогата на НАТО-сојузничката Турција во регионот, како чувар на Црното Море, пишува „Форин полиси“, додавајќи дека Турција со години има затегнати односи со Вашингтон и со други членки на НАТО, како и дека би имала сомнежи кон евентуалното зголемено присуство на Алијансата во Црното Море.
– Ако Путин сака да го врати статусот на Русија на водечка европска сила, постигнат за време на владеењето на Петар Велики и Катарина Велика, тогаш потребен му е Крим – смета познавачот на руската историја, Питер Рутленд, од универзитетот „Веслијан“.
Значењето на Црното Море за конфликтот во Украина допрва треба да се види, но се јавува како потенцијална точка на судир во поширокиот конфликт помеѓу Русија и НАТО.