Фото: Принтскрин

Гледајќи од рурална северна Албанија, Лондон делува неописливо богато, a тие навистина консумираат многу дрога, вели жител на Кукуш во разговор за британски „Фајненшл тајмс“, кој го анализира зголемениот прилив на Албанци во Обединетото Кралство.

Британскиот весник наведува дека албанските банди имаат децениска традиција на извоз на канабис со што создале силна глобална мрежа, според податоците на американскиот Стејт департмент.

– Албанските државјани играат значајна улога во меѓународниот шверц со дрога и мрежите на организиран криминал и Албанија е клучен елемент на балканската рута со шверц на дрога во Западна Европа и во Обединетото Кралство – се вели во извештајот на Стејт департментот.

Жителот на Кукуш кој се претставува како Зото, додава дека албанските родители стравуваат оти нивните деца ќе завршат во бизнисот со трговија со дрога во Обединетото Кралство. Албанските банди се особено активни на социјалните мрежи, каде што ги величаат нивните незаконски потфати.

– Албанското општество е запрепастено поради видеата на Тикток. Тие го гламуризираат криминалот –  вели соговорникот на „Фајненшл тајмс“.

Во неодамнешно видеообраќање, британскиот амбасадор во Албанија, Алистер Кинг-Смит, упати апел до Албанците да не им веруваат на шверцерите на дрога.

– Тоа што ви го покажуваат на социјалните мрежи не е реалноста. Немојте да одите по незаконскиот пат – кажа Кинг-Смит.

Обединетото Кралство се спротивставува на кампањите на бандите на социјалните мрежи преку програма која чини 8,3 милиони фунти за четиригодишен период. Таа цели да им помогне на младите Албанци да најдат работа во нивната држава, како и развој на локалниот туризам.

Се проценува дека околу 150 илјади Албанци живеат во Велика Британија, а бројот на Албанци што доаѓаат нелегално на островот преку каналот Ла Манш се зголемил за 43 отсто помеѓу мај и септември годинава, според податоците на британските власти. Се проценува дека претстојната зима би можела да ја забави миграцијата, но британските ескперти очекуваат зголемување на бројките в година.

Британската министерка за внатрешни работи Суела Брејвермен го нарече мигрантскиот бран „инвазија“ и ги окарактеризира мигрантите како „криминалци“ што резултираше со остар одговор од албанскиот премиер Еди Рама.

Тензиите дополнително се зголемија откако Албанците за време на протест во Лондон одржан изминатиот викенд, закачија знаме на статуата на поранешниот британски премиер Винстон Черчил, што предизвика негодување меѓу британските политичари.