Светот едноставно не може развојно да оди напред во ситуација на конфликт, како што има сега. Меѓународноправни правила и право мора да постојат и мора да се почитуваат. Дури и некогаш, за жал, со прекршување на истото тоа и „ќе се преживее“, но, сепак, некакви правила што гарантираат одреден повисок степен на стабилност на глобален план – неопходно е да има. Приоритетното актуелно прашање е како сега да се постигне мир во Украина, а според аналитичарите на „Геополитика“ што поитно да се најде модел за примирје, каде што „и волкот ќе остане сит и сите овци на број“. На прв поглед тоа изгледа како „сизифовска задача“, бидејќи можноста за контрола на ескалацијата на овој конфликт се чини сè поопасен ризик, но заложбите на многу од светските меѓународни организации, а и држави, се дека е потребно инстантно да запре воениот конфликт

Анализа

Без економија и бизнис, светот едноставно не може, не само да оди напред во поглед на развојот туку не може ниту да опстане како што е сега. Војната во Украина, но со други средства, продолжи еден глобален конфликт, што уште повеќе ги динамизира започнатите тектонски геополитички нарушувања, во кои се наѕира сосема нова слика за светот. Но конфликтот, загрозувајќи ги мирот и стабилноста, ги покажа сите можни негативности по развојната светска динамика, сеедно дали таа се движеше некаде побавно, некаде побрзо. Во моментов отсуствува одржлив развој: економски, финансиски, социјален, енергетски, здравствен и образовен и секаков друг просперитет, што го става светот во положба на стагнација и уназадување. И во ваквите констатации не станува збор за поддршка на феноменот на глобализација, туку, напротив, примарното залагање е за престанок на воените конфликти. Во истиот контекст, во продолжение на повторно воспоставениот мир, неопходно е што побрзо реанимирање на веќе постојните меѓународноправни правила, или нивно надградување и воспоставување поредок во кој многу подобро би бил избалансиран развојот на државите, а особено на оние во моментов помалку развиени или неразвиени.

На тлото на Азија, голем број форуми за заеднички економски интерес, а во фокусот е престанокот на воениот судир

Слична теза образложува и аналитичарот Зоран Метер од „Геополитика“, кој вели дека на тлото на Азија, пред сè на нејзиниот југоисток, се редат состаноци на разни меѓународни организации или форуми, што само укажува на суштинската важност на тој регион, на кој сега се префрла целото внимание на светот – неговата политика и економија. Ништо изненадувачки: огромен човечки потенцијал, силен економски раст и пропулзивност во време кога остатокот од светот се соочува со зголемена криза, се само некои од важните елементи што го прават регионот привлечен за инвеститорите и бизнисот. Се разбира, неопходен предуслов за ова е безбедноста – за која се загрижени учесниците на сите оние форуми и состаноци што се наредени последните денови, а во однос на заедничкиот економски интерес: од минатонеделниот источноазиски самит во Камбоџа, паралелен самит на земјите-членки на АСЕАН (Англиска асоцијација на нациите од Југоисточна Азија), до штотуку завршениот самит на членките на Г20, чиј значаен дел го сочинуваат токму азиските земји – Кина, Индија, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија, како и евроазиските земји Русија и Турција.

Барање балансирана состојба меѓу САД и Кина

Засега, јасно е дека жестоката конкуренција меѓу САД и Кина ќе продолжи, но тие секако ќе се обидат да го сведат тоа на некое контролирано ниво. За тоа сведочи изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, во Камбоџа, пред една недела, каде што тој вети дека САД ќе соработуваат со АСЕАН, а им порача и на нивните лидери да изградат подобра иднина во регионот каде што е присутен американскиот ривал – Кина.
Од друга страна, кинескиот премиер Ли на состанокот на АСЕАН изјави дека за време на „турбулентната“ ситуација со глобалната безбедност растат протекционизмот и унилатерализмот, како и економските и финансиските ризици, поради што глобалниот развој се соочува со предизвици без преседан. Тој рече дека земјите од АСЕАН, водечките економии во Источна Азија, треба да останат посветени на промовирање мир, стабилност, развој и просперитет во регионот, како и подобрување на животот на луѓето.
Понатаму, нешто слично се случува и на 29. Форум на азиско-пацифичката економска соработка (APEC), кој се одржува во Бангкок, Тајланд. Организацијата за азиско-пацифичка економска соработка АПЕК е основана во 1989 година, со седиште во Сингапур. Земјите-членки на АПЕК, по азбучен ред, се: Австралија, Брунеи, Чиле, Филипини, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Кина, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Русија, САД, Сингапур, Тајланд и Виетнам.
Имено, кинескиот претседател Си Џинпинг во четвртокот пристигна во Бангкок. Како што јавија кинеските државни медиуми, покрај учеството во работата на самиот форум, Џинпинг ќе се сретне и со претставници на Тајланд, а ќе има билатерални разговори и со лидерите на земјите-членки на АПЕК. Си Џинпинг ќе се сретне и со јапонскиот премиер Фумио Кишида. Токму тоа е многу јасен сигнал што зборува во прилог на тезата за потрагата по модалитети за одржување заемно корисна економска соработка во одредени сфери меѓу Кина и т.н. колективен Запад (кој, условно, ги вклучува Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд), во услови на неизбежна жестока конкуренција и веќе де факто поларизиран свет.

Без да му се стави крај на украинскиот воен конфликт, сите овие планови за економска соработка се непоимливи

Според анализата на „Геополитика“, светскиот тренд на поларизација најдобро се виде токму на самитот на Г20, каде што т.н колективен Запад (Г7 + ЕУ како целина) дејствуваше како целосно обединета сила или обединет фронт, под водство на САД. Аналитичарот Метер забележува дека другата половина од земјите „ја задржува својата независност во донесувањето одлуки, но апсолутно е сигурно дека за прашањата што се од заеднички интерес брзо ќе се хомогенизираат доколку се почувствуваат загрозени од обединетиот Запад“. Според него, така реално „почнува да функционира сосема нов и поинаков свет“.
Но она што е најбитно и во неговата анализа и во сугестиите на голем број политички, воени и економски светски аналитичари е дека „сега станува клучно да му се стави крај на украинскиот воен конфликт, бидејќи без тоа сите овие планови се изградени на крајно нестабилни основи“!
Значи, главното прашање е како да се постигне мир во Украина, засега барем на начин, како што велат во „Геополитика“, каде што „и волкот ќе остане сит и сите овци на број“. Засега тоа изгледа како сизифовска задача, бидејќи можноста за контрола на ескалацијата на овој конфликт се чини сè поопасен ризик.

Подготвил: Mарјан Велевски