Во последно време во светот на бизнисот сѐ почесто се спомнуваат ретките метали, односно ретките руди од кои тие ретки метали се екстрахираат. Тоа е група од седумнаесет минерали што ги има во природата и се од суштинско значење за идните технологии. Имено, ретките метали, во ерата на високата технологија, се клучни елементи не само во производството на паметните телефони и моторите на авионите туку и во електричните возила, турбините на ветер и другите нови енергетски машини… Меѓутоа, за нивното добивање (екстракцијата, топењето, одвојувањето и преработката на овие елементи) е потребен технолошки процес што бара големи вложувања во капитал, човечки ресурси и труд

Конкурентска предност за компаниите и државите чиј синџир на снабдување не е прекинат

Во моментов неоспорен факт презентиран од економските аналитичари е дека Кина доминира во синџирот на снабдување, која уште во 2021 година го сочинуваше 60-отстотниот удел од глобалното производство на конечни суровини од ретки минерали. Исто така, Кина имаше околу 37 отсто од познатите природни резерви на ретките руди за производство на ретки метали.

Минералното богатство на Кина

Во доцните 1980-ти, кинескиот пионер во државните реформи Денг Сјаопинг славно рече дека „на Блискиот Исток има нафта, а во Кина има ретки метали“. Кина почна да доминира со глобалното снабдување со ретки метали во раните 1990-ти. Поттикнат од различни индустриски политики, вклучувајќи и даночни попусти за извоз, секторот влезе во период на „неверојатно силен раст“. Една деценија подоцна, стотици рудници произведоа и извезоа на глобалниот пазар скапоцени минерали со ниска додадена вредност и помалку преработени концентрати на ретки метали. Во својот врв, резервните на Кина со ретки минерали беа над двојно повеќе од она што му беше потребно на светот. Жестоката конкуренција меѓу кинеските доставувачи ја намали цената на глобално ниво и значително ги намали кинеските резерви на ретките минерали. Следствено, традиционалните производители на ретки минерали, како што се САД, Јапонија и Франција, во суштина се откажаа од своето производство и, наместо тоа, се свртеа кон користење на евтините суровини од Кина.
До 2000-тите, Кина ја промени својата официјална политика за ископување и производство на ретки минерали. Владата ги намали извозните квоти и ги зголеми даноците за извоз на сурови руди од ретки минерали и помалку преработени суровини, за да го зголеми производството на повеќе преработени суровини за ретки метали. За да ја надградат својата технологија за обработка, кинеските рудници формираа заеднички вложувања со странски партнери. Користејќи ги своите ниски трошоци за работна сила и послободните мерки за контрола на животната средина, Кина брзо привлече многу такви потфати. До 2005 година, Кина стана најголемиот извозник на суровини од ретки минерали во светот.
Меѓутоа, во 2009 година, Кина почна да наметнува построга контрола на животната средина врз ископувањето и производството на ретки суровини. Иако ретките минерали можеше да ги користи како алатка, Пекинг никогаш не објави ниту призна такво ембарго. Зголемувањето на цената може да им се припише и на повисоките производствени трошоци, како резултат на користењето поеколошки технологии и опрема во производството на суровини од ретки минерали. Всушност, поради ваквите еколошки мерки многу мали рудници мораа да му стават клуч на бизнисот, што ја остави земјата со шест државни корпорации за ретки минерали, кои го контролираат целиот синџир на снабдување.

Технолошки поттикнати синџири на снабдување

Како и во многу нови индустрии, Кина првично ги разви своите производствени капацитети со ниска додадена вредност преку преземање технологија од своите странски партнери. Меѓутоа, за да напредува и да стане глобален лидер, во 2011 година Кина започна да инвестира во домашни истражувања, развој и стекнување технологија, како и во едукација на специјализиран кадар. Така, основа два истражувачки центри за развој на ретки метали во Чангчун, во провинцијата Џилин, и во Баотоу, Внатрешна Монголија. Во овие центри, илјадници инженери со дипломи по материјални науки, металургија, хемија, ретки минерали и сродни области се посветија на пронаоѓање и усовршување нови методи во обработката на ретки метали, опфаќајќи ги рударството, топењето и екстракцијата, рафинирањето и производството. Ниту една друга земја не располага со толку концентриран специјализиран кадар на ова поле.
Оваа инвестиција во истражување и развој се рефлектира во поднесените патенти од Кина поврзани со ретки метали, кои започнаа во 2011 година. Така, за помалку од десет години, Кина поднесе 25.911 патенти, далеку пред акумулираните 9.810 патенти што ги поседуваат САД, 13.920 од Јапонија и 7.280 од Европската Унија (ЕУ), од кои повеќето започнале со поднесување во 1950-тите. Во истиот период, кумулативниот број на одобрени патенти за ретки метали поднесени од Кина го надмина збирниот вкупен број на сите други земји. Накратко, доминацијата на Кина во технологијата за обработка на ретки метали стана нејзина основна конкурентна предност во глобалниот синџир на снабдување.

Од најголем извозник до најголем увозник

Синџирот на снабдување со ретки метали се состои од три фази. Првата фаза вклучува екстракција на сурови руди од ретки минерали и нивно топење во концентрати на ретки руди, како оксиди, метали и легури на ретки елементи. Во втората фаза, ретките метали треба да се одвојат и преработат од овие концентрати за да станат нискообработени суровини. Третата фаза се состои од користење на суровините од втората фаза за производство на материјали со висока додадена вредност, како што се магнети. Кина е единствената земја што го покрива целиот синџир на вредност на сите седумнаесет елементи на ретки минерали од рударство до преработка и контролира 80 отсто од глобалното производство во активности со висока додадена вредност.
Од 2018 година, Кина стана најголемиот увозник на производи од ретки минерали, во голема мера полупроизводи од доставувачи на прва и втора фаза, како и сурови тешки ретки метали што ѝ недостигаат на Кина. По обработката со висока додадена вредност, Кина извезува дел од своите метали од ретки минерали. Јапонија, САД, Холандија и Јужна Кореја се најголемите увозници на суровини од ретки минерали преработени во Кина. Кина е, исто така, најголемиот потрошувач на производи од ретки минерали, со 60 отсто од глобалниот вкупен износ, првенствено поради брзиот раст на нејзиното домашно производство на електрични возила, турбини на ветер и разни воени примени. Според Кинеската генерална царинска управа, во текот на првите десет месеци од 2022 година, вкупниот износ на извоз на ретки метали (од кои околу 80 отсто биле суровини со висока додадена вредност) изнесувал 41.471 тон. Сепак, износот на увоз на ретки метали беше 103.837 тони, што значи дека неговиот увоз е повеќе од двојно поголем од извозот.

Клучни стратегиски ресурси во геополитичката конкуренција

Важноста на ретките минерали долго време ги направи „стратегиски ресурс“ во геополитичката конкуренција, особено меѓу САД и Кина. Во 2018 година, Министерството за внатрешни работи на САД идентификува триесет и пет минерали клучни за нивната национална и економска безбедност, вклучувајќи седумнаесет метали од ретки минерали. Последователно, во декември 2020 година, Кина ја објави рамката за политика, односно Правила за управување со ретки минерали. Овој документ беше земен како стратегиски одговор на Кина во управувањето со ретките минерали, балансирањето на извозот и стратегиските резерви. Сепак, иако постојните резерви може да траат стотици години за човечка употреба, ретките минерали се необновливи ресурси.

Импликации

Капацитетот целосно да се замени зависноста на Западот од доминантниот синџир на снабдување со Кина во рок од пет до десет години не е многу реален, бидејќи постојат три главни бариери што би требало да ги надмине секоја друга земја, а тоа се бројот на кинески патенти, огромните еколошки трошоци и недостигот од висококвалификувана работна сила. На секоја земја што располага со слични ресурси ќе ѝ бидат потребни можеби десет-петнаесет години и милијарди долари за да ги надмине бариерите, под услов во меѓувреме Кина да не постигне дополнителни значајни технолошки напредувања.
Тогаш се поставува прашањето кој ќе има корист од ова и по која цена? Од перспектива на САД, во случај на конфронтација со Кина, голема е веројатноста Пекинг да ја искористи својата доминација во ретките минерали за своја геостратегиска предност. Со сегашната голема зависност од синџирот на снабдување на Кина за ретки метали, западните демократски земји ќе претрпат катастрофални последици во своите економии. Од таа причина, синџирот на снабдување со ретки метали се смета за „критична стратегиска ранливост на Америка“ и САД мора да предводат во изградбата на западен синџир на снабдување за да ѝ се спротивстават на Кина.
Од перспектива на Кина, со оглед на нејзината голема зависност од глобалните синџири на снабдување со полупроводници и други технологии што се клучни за нејзините дигитални амбиции, таа нема да го користи својот „џокер“ на ретките метали, освен ако не е стратегиски загрозена. Како што беше предложено во неодамнешните говори на Си Џинпинг на Г20, Кина има намера да продолжи да се отвора и да го одржува статус квото на високомеѓузависните глобални синџири на вредности, од кои има голема корист.
Од глобална перспектива, едно вообичаено прашање со кое се соочува светот е промовирањето чиста енергија за борба против климатските промени, а ретките метали се критични во турбините на ветер и соларните панели, како и во батериите што се користат во електричните возила. Без ретките метали, ниту едно од тие решенија за чиста енергија не би било возможно и борбата против климатските промени би била залудна. Како што се тврди во извештајот на Меѓународната агенција за енергетика, различните критични минерали, особено ретките, играат клучна улога во транзицијата на чиста енергија, што исто така ја одразува перспективата на ЕУ. За да се реши неусогласеноста меѓу климатските амбиции на светот и ранливоста на синџирот на снабдување со ретки метали, клучни се глобалните напори, вклучувајќи истражување и развој и инвестиции во унапредување на технологиите за рециклирање на клучните минерали.