Африканската унија доби статус на постојана членка на Групата 20 на водечките светски економии, објави денеска индискиот премиер Нарендра Моди, што дава дополнителна динамика на неговата аспирација да му даде „посилен глас“ на глобалниот југ, како домаќин на овогодинешниот самит на Г20.
Самитот се одржува во време на растечки глобален јаз и со отсуство на некои клучни играчи.
Имаше широка поддршка за членството на Африканската унија, која се состои од 55 земји, и таа стана вториот регионален блок во Групата 20, по Европската унија.
– Го поканувам претставникот на Африканската унија да го заземе неговото место како постојана членка на Г20 – најави Моди кој му подаде рака на актуелниот претседавач на АУ, претседателот на Коморските Острови, Азали Асумани и го прегрна.
На отворањето на самитот, најмалку една петтина од лидерите на Г-20 не беа во Њу Делхи.
Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг одлучија да не доаѓаат, шпанскиот премиер Педро Санчез не можеше да присуствува бидејќи беше позитивен на коронавирус, додека мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор исто така одлучи да го пропушти самитот.
Американскиот претседател Џо Бајден пристигна во Њу Делхи, а американските власти се обидоа да го минимизираат фактот дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не беше поканет да се обрати на самитот на Г-20, како што правеше досега, виртуелно или лично, на слични меѓународни форуми по нападот на Русија пред повеќе од 18 месеци.
Русија го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров на самитот на Г20, додека Турција ја претставува претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Самитот на Г20, кој се состои од Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, САД и претставници на Европската унија, односно на администрацијата во Брисел, се одржува на 9 и 10 септември.