Премиерот на Британија, Борис Џонсон изјави дека повеќе би сакал да умре отколку да побара ново одложување на брегзит, поттикнато од опозициските пратеници кои сакаат со закон да го спречат неговиот план за излез на Велика Британија од ЕУ на 31. октомври.
Пратениците усвоија предлог-закон врз основа на кој премиерот од Европската унија мора да побара ново тримесечно одложување на брегзит, за што крајниот рок во моментов е 31. октомври, доколку до 19. октомври не се постигне никаков одговор со ЕУ. Всушност тие го отфрлија неговиот предлог за распишување предвремени избори на 15. октомври, со цел излез од кризата.
– Претпочитам да бидам мртов во ров – им рече Џонсон на новинарите кога го прашаа за барањето на опозицијата.
Тој го обвини лидерот на опозициската лабуристичка партија, Џереми Корбин дека оневозможува народот да одржи избори.
– Ние сакаме избори на 15. октомври. Ајде да ги одржиме тогаш – порача Џонсон.
Во понеделник, неговата влада ќе поднесе ново барање за одржување на избори до Долниот дом на парламентот за кое треба да добие поддршка од двотретинско мнозинство.
Тоа ќе биде втор обид на Џонсон да распише предвремени избори откако загуби завчера затоа што му се спротивставија револтирани пратеници од неговата конзервативна партија.
Поради ова, тој од партијата отстрани 21 член и го загуби парламентарното мнозинство. Но, околностите се променија и лабуристичката партија, водечката опозициска партија, во понеделник би можела да гласа за избори доколку се донесе закон за одложување на брегзит, со кој ќе се спречи можноста Британија на 31. октомври без договор да излезе од ЕУ.