Буркина Фасо, Мали и Нигер го формираат африканскиот регион каде што во изминатите неколку години е забележан подем во џихадистичките активности во кои илјадници се убиени, милиони се раселени, а големи области останаа без контрола на власта. Областите во кои се ископува злато станаа главни цели во бранот на насилство што претставува закана за дестабилизација на поширокиот регион, вклучувајќи ги Брегот на Слоновата Коска и Гана. Околу милион рудари ископуваат половина од златото од наоѓалиштата во Буркина Фасо, од кои поголемиот дел завршува во Дубаи, пишува „Фајненшл тајмс“.
Ако Појасот Сахел падне, ќе дојде до домино-ефект на нестабилност, насилство и бришење на границите, како и на интерно раселени лица низ Сахел, кои прво ќе поитаат кон „побезбедните“ држави во регионот, а потоа и низ Европа – вели Аиша Осори, која раководи со Иницијативата за отворено општество за Западна Африка, со седиште во Дакар, Сенегал.
Екстремистите на 4 јуни убија повеќе од 130 луѓе во Солхан, центарот за ископување на злато на североистокот на Буркина Фасо. Тамошните власти и Обединетите нации минатата недела објавија дека повеќето од напаѓачите биле деца на возраст помеѓу 12 и 14 години. Тоа е најсмртоносниот напад во историјата на африканската држава и знак дека исламистите кои бараат извори за финансирање, целат кон илјадниците рудници низ Буркина Фасо, за кои се проценува дека произведуваат до 30 тони злато годишно. По нападот во Буркина Фасо, регионот Сахел објави забрана за занаетчиското рударство од мал обем.
Поранешниот министер за рударство Зефирин Дијабре истакна дека терористите се обидуваат да освојат поголема територија во рударските региони, бидејќи претставува, како што тој вели „извор на приходи“, откако цената на златото се зголемила за околу 30 отсто во изминатите две години, достигнувајќи 51 долар за грам.
Одредени рудници имаат обезбедување составено од волонтери, како што е случајот во Буркина Фасо, од локалните ловечки друштва што е забележано во Мали или од локалните бунтовнички групи, каква што е практиката во Нигер. Токму овие три држави се во средиштето на бранот на насилство што се рашири низ регионот уште од 2012 година и кој претставува закана за зголемување на нестабилноста.