Има повеќе причини поради кои Израелците не би го сакале Бенјамин Нетанјаху. Тој знае да се однесува горделиво и одмаздољубиво. Искусниот Нетанјаху често е и безмилосен против своите политички противници. Неговото име се споменува во неколку различни случаи за корупција, кои доколку се точни, укажуваат на тоа дека тој е алчен, површен и голем манипулатор, пишува Шумел Рознер во колумната објавена во американскиот весник „Њујорк тајмс“.
Но, и покрај сите овие претходно споменати карактеристики, Бенјамин Нетанјаху го освои петтиот мандат како премиер на синоќешните избори во Израел. Ако успее да формира влада, како што се очекува, тој ќе го надмине таткото на државата Давид Бен Гурион како политичар кој најдолго бил на чело на израелската власт.
Поради претходно споменатите (не)квалитети на Нетанјаху, многу луѓе имаа намера да го победат на изборите. Само неколку месеци пред гласањето, во Израел беше формирана центристичка алијанса водена од три поранешни одликувани генерали и еден поранешен министер за безбедност, токму со цел да понуди алтернатива за Нетанјаху. Кампањите беа жестоки, но цивилизирани, за на крај да се испостави дека кампањата на противникот Бени Ганц, претрпе неуспех во обидот за негово соборување од власта, констатира Рознер.
Мора да се спомене дека изборната трка беше многу неизвесна и дека се очекува опозицијата да има ист број на места во парламентот, како и партијата на Нетанјаху.
– Нетанјаху можеби е циничен, но тој не ги мести изборите. Победува фер, често кога неговите шанси се мали, вклучувајќи ги и овие избори. Но, изгледа дека истата причина поради која е на власт 25 години, повторно му ја донесе победата на изборите. Кога станува збор за израелската национална безбедност, тој е лидер со стратегија и визија. Ставка која е многу важна за гласачите во земјата – објаснува колумнистот на „Њујорк тајмс“.
Долгата листа на одуките и чекорите кои Бенјамин Нетанјаху ги донел за да ја заштити безбедноста на Израел е многу важна за неговиот политички статус. Во 90-тите години, тој ги отфрли основните претпоставки за мировниот процес со Палестина, а истовремено го препозна и Иран како главна закана за опстанокот на Израел и ја насочи светската јавност кон овој израелски проблем. Денес, овие погледи на Нетанјаху се широко прифатени во израелскиот политички спектрум.
Листата на одлуки на Нетанјаху во однос на националната безбедност е долга. Тој во 2005 година предупреди дека доколку ги повлече израелските сили од Газа, ќе се случи катастрофа, и беше во право. Тој осум години успешно го одбиваше притисокот на администрацијата на американскиот претседател Барак Обама да ги исполни барањата на Палестинците. Денес, тој брзо се спријатели со сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп, што веќе се покажа од голема корист за Изарел. За две години, Американците ја префрлија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, САД се повлекоа од нулеарниот договор со Иран, го признаа суверенитетот на Израел на Голанската Висорамнина и во понеделникот ја прогласија Револуционерната исламска гарда на Иран за терористичка организација.
Иако не може да се каже дека Нетајаху е безгрешен во однос на националната безбедност, сепак неговите чекори Израелците често ги сметаа за правилни. Тие Израелци кои бараа заминување на Нетанјаху, а ги има многу, можеби го бараат тоа поради неговиот личен карактер, неговото градење на изарелскиот политички дискурс, неговото ситничарење, и можеби поради наодите за корупција. Оние Израелци пак, кои сакаа Нетанјаху да остане премиер, и се покажа дека исто така се многумина, го гледаат на позицијата, и покрај овие негативни карактеристики. Тие можат да му простат на премиерот за малите работи, бидејќи го сметаат за голем лидер, завршува Рознер.