Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер оцени дека не е исклучена можноста Велика Британија да го одложи датумот за излегување од Европска Унија.

Тоа би значело дека таа земја може да учествува на изборите за Европски парламент на крајот на мај.

Јункер во изјава за германскиот весник „Штутгартер цајтунг“ изјави дека таквото сценарио, сепак, е „тешко замисливо“ и би претставувало „задоцнета шега на историјата“.

Велика Британија официјално излегува од ЕУ на 29 март, но британската Влада се обидува повторно да преговара за делови од постигнатиот договор меѓу Лондон и Брисел, а ЕУ одбива.

Јункер рече дека сега е на ред Велика Британија да одлучи дали да ќе го одложи датумот, но тоа треба да го направи пред состанокот на новоизбраниот Европски парламент на почетокот од јуни. Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 23 до 26 мај.