Надворешнополитичкиот одбор на Европскиот парламент потврди дека вонреден состанок е закажан за в среда (29 мај), кога комесарот Јоханес Хан ќе го претстави овогодинешниот пакет проширувања, се наведува на сајтот на ЕП.
Истовремено, во Европската комисија велат дека и натаму не може официјално да потврдат кога ќе бидат усвоени и објавени извештаите за напредокот на земјите во процесот на проширувањето.
Во средината на овој месец, Хан во интервју за „Радио Слободна Европа“, најави дека Европската комисија, за време на објавувањето на годишниот извештај за напредокот на земјите, кои се во процесот на проширување, на 29 мај ќе го соопшти отворањето на преговорите за полноправно членство со Албанија и Македонија.
Начелно беше планирано Советот на министри на ЕУ таа одлука да ја донесе во јуни, но расправата би можела да биде одложена за министерскиот состанок во јули, на почетокот на финското претседателство со ЕУ, зашто на некои земји им е потребна и согласност на националните парламенти.