Откако американскиот претседател Доналд Трамп прогласи победа во обраќањето до нацијата од Белата куќа и објави дека ќе оди на Врховен суд за наводна изборна измама, се огласи и седиштето на неговиот противкандидат Џо Бајден.
– Вечерашната изјава на претседателот за обид да се запре пребројувањето на гласовите е скандалозна, неточна и без преседан – рече менаџерот на кампањата на Бајден, Џен О’Мали Дилон.
„Скандалозно е затоа што е обид да им се одземат демократските права на американските граѓани. Тоа е без преседан, бидејќи никогаш во нашата историја претседател не се обидел да им одземе гласови на Американците. Откако ги охрабри републиканските напори во неколку држави за да се спречи законското пребројување на гласови пред изборниот ден, сега претседателот вели дека овие гласови не можат да се бројат дури и по денот на изборите. Неточно е затоа што нема да се случи. Броењето нема да биде запрено. Напротив, ќе продолжи сè додека секој глас не биде пребројан. Бидејќи тоа е она што го бараат нашите закони – закони што го штитат уставното право на секој Американец да гласа“, рече О’Мали Дилон.
„Го повторуваме она што потпретседателот го рече вечерва: Доналд Трамп нема да одлучи за исходот на овие избори. Џо Бајден нема да одлучи за исходот на овие избори. Американскиот народ ќе одлучи за исходот на овие избори. Демократскиот процес мора да продолжи и ќе продолжи до конечниот резултат”, додаде таа.
Американскиот претседател во неговото обраќање кажа дека планира да се обрати до Врховниот суд – велејќи дека сака гласањето да се прекине. Тој, без да презентира докази, рече дека изборите биле мамење на американската јавност.
„Ова е голема измама. Одиме до Врховниот суд, не сакаме да најдат некои гласови во 4 часот наутро и да ги додадат на списокот. Ова е тажен момент. Но, ќе го добиеме ова. Што се однесува до мене, ние веќе победивме“, рече Трамп во говорот.