РАСТАТ ТЕНЗИИТЕ ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ

Доколку бидат потврдени информациите за иранската операција, тогаш станува збор за нов сериозен инцидент помеѓу Иран и САД, што неизбежно само дополнително ќе ги разгори тензиите помеѓу двете страни, кои веќе отворено водат т.н. танкерска војна – напади врз западни бродови и запленување ирански танкери со нафта

Иранските власти соопштија дека разбиле шпионска мрежа на ЦИА, при што биле уапсени повеќе од десет разузнавачки оперативци. Некои од нив, како што јавуваат иранските државни медиуми, веќе се осудени на смрт, додека, пак, на другите агенти им е одредена казна доживотен затвор. Засега нема реакција на официјален Вашингтон, ниту, пак, на ЦИА. Доколку бидат потврдени информациите за иранската операција, тогаш станува збор за нов сериозен инцидент помеѓу Иран и САД, што неизбежно само дополнително ќе ги разгори тензиите помеѓу двете страни, кои веќе отворено водат т.н. танкерска војна – напади врз западни бродови и запленување ирански танкери со нафта.

Претставник на иранското министерство за разузнавање изјави дека се уапсени најмалку 17 агенти на ЦИА, а наводно станува збор за сајбер-шпиони. Според него, неколку од уапсените лица веќе се осудени на смртна казна. Иранската новинска агенција ФАРС објави фотографии од неколкуте уапсени разузнавачи на ЦИА.
– Голема американска сајбер-шпионска мрежа, со која раководи ЦИА, е откриена во Иран. Неколку агенти се уапсени – порача претставникот на иранската разузнавачка агенција.

Иранските медиуми објавија фотографии на дел од уапсените „агенти“

Некои од светските медиуми, повикувајќи се на извори од Техеран, пренесуваат дека уште во јуни е егзекутиран еден од уапсените шпиони. Станува збор за Џалал Хаџ Звар, кој наводно соработувал со ЦИА, а бил вработен во иранското министерство за одбрана. Акцијата на иранските служби почнала во март годинава, а за откривањето на тајните агенти на ЦИА, Техеран имал помош од разузнавачки служби и од други земји. Не се споменуваат земјите што му помогнале на Иран да ја разбие разузнавачката мрежа на својата територија.

Според иранските медиуми, некои од лицата биле уапсени при поднесувањето барање за виза, а некои имале американски визи од претходно, но ЦИА наводно ги натерала да ги обноват. Другите агенти биле врбувани на маргините на повеќе научни настани во европски, африкански и азиски земји.

– Идентификуваните шпиони биле вработени во чувствителни и витални центри на приватниот сектор, и тоа во повеќе области – економска, нуклеарна, инфраструктурна, воена и информатичка. Токму во овие центри, тие собирале и пренесувале чувствителни информации – соопшти Министерството за разузнавање.

Американските власти засега официјално не се огласија за иранските тврдења, кои, доколку се покажат како точни, сигурно дополнително ќе ги влошат и онака веќе затегнатите односи помеѓу САД и Иран, кои се сѐ поблиску до отворен воен конфликт по серијата инциденти со бродови и соборувањето беспилотни летала во Персискиот Залив. За сериозноста на ситуацијата доволни говори и фактот дека Вашингтон почна со планирање на меѓународната операција „Стража“, чија цел е обезбедување слободна пловидба во немирниот регион. Покрај тоа, Пентагон повторно ја активира и вооружува воената база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија, која последен пат ја користеше пред 15 години, односно при инвазијата на Ирак во 2003 година. Па, така, сега во базата се разместени најмалку 500 војници, повеќе авиони-ловци, како и противракетниот систем „патриот“.

Порталот „Геополитика“ наведува дека еден од американските воени бродови, што во моментов се наоѓаат во Ормутскиот Теснец, е и носачот на хеликоптери „Боксер“, кој наводно собори иранско беспилотно летало само еден ден пред Иран да заплени британски танкер со нафта. Бродот има илјада члена на екипажот, но и околу 1.500 добро обучени американски маринци, подготвени за интервенција во секој момент и вооружени со артилерија, тенкови и оклопни транспортери.

Аналитичарите сметаат дека е очигледно оти САД почнуваат голема поморска кампања, чија цел е пронаоѓање сојузници со кои ќе почнат заедничко обезбедување на најважните маршрути за пловење во блискоисточниот регион, што на почетокот од јули и официјално беше најавено од американскиот генерал Џозеф Данфорд.


Британија испраќа нуклеарна подморница во заливскиот регион

Британската воена морнарица ќе го засили своето присуство во Персискиот Залив со испраќање нуклеарна подморница и голем број специјалци. Ваквиот чекор на Лондон следува откако Иран пред неколку дена заплени британски танкер со нафта што, пак, беше одговор на Техеран на неодамнешното запленување на ирански танкер на Гибралтар.

Подморницата од класата „Астуте“, според британските медиуми, ќе има чисто одбранбена улога, користејќи ја својата софистицирана опрема за собирање тајни електронски разузнавачки податоци за заштита на британски и меѓународни бродови во Персискиот Залив.

Техеран во саботата дополнително ги разгоре тензиите со Лондон, објавувајќи видеоснимки од иранските сили, кои со хеликоптери се спуштиле на танкерот што, пак, претставува речиси повторување на снимките од пред две недели, кога британски маринци се спуштија на „Грејс 1“, иранскиот танкер за кој се сомнева дека шверцувал нафта за Сирија, спротивно на санкциите воведени од Европската Унија.


Демант од Вашингтон: Техеран е познат по ширењето лаги

Неколку часа по објавувањето на информацијата за разбивање шпионска мрежа, раководена од ЦИА, се огласи и официјален Вашингтон. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео енергично ги отфрли таквите тврдења, обвинувајќи ги властите во Техеран дека шират лаги и дезинформации.
– Иранскиот режим има долга традиција на лажење – порача Помпео во кратката изјава за Фокс њуз.