Социјалните платформи на компанијата „Фејсбук“ вчера претрпеа голем пад во траење од околу шест часа. Околу 2,7 милијарди корисници останаа без пристап до нивните профили, додека вработените и сопственикот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, беа принудени јавно да се извинат за проблемот, пренесуваат светските медиуми.
– Причината за прекинот веројатно е лошата конфигурација или одреден код до системот за управување со мрежата – вели Алекс Стамос, поранешен главен службеник за безбедност на „Фејсбук“.
Прекинот најверојатно е поврзан со ДНС-записите на Фејсбук, или системот за имиња на домени. Грешка во записите на ДНС може да го оневозможи поврзувањето со веб-страницата. Со цел да се поправи проблемот, било неопходно дел од серверите на Фејсбук мануелно да се ресетираат. Компанијата засега не ги потврди причините за падот на социјалните мрежи.
Ова е еден од најголемите падови за компанијата досега. Околу шест часа подоцна во функција се вратиле и останатите социјални мрежи – Инстаграм, Вацап и Фејсбук-Месинџер, пренесуваат агенциите.
– Кон сите кои се засегнати од падот, жал ни е. Знаеме дека милијарди луѓе и бизниси ширум светот зависат од нашите производи и услуги за да останат поврзани. Го цениме вашето трпение додека да се вратиме онлајн – стои во соопштението на компанијата „Фејсбук“.
Според извор запознаен со падот, проблеми имало и во комуникацијата меѓу вработените во „Фејсбук“. Некои внатрешни услуги, вклучително и алатката за комуникација меѓу тимовите на работното место, исто така не функционирале. Дел од вработените имале и проблем со нивните легитимации за пристап во канцелариите.