Шеикот Мохамед бин Рашид ал-Мактум (69), милијардер кој владее со богатиот емират на Дубаи, најмил агенти кои го хакирале телефонот на принцезата Хаја бинт ал-Хусеин и петмина од нејзините соработници додека сега разделената брачна двојка беше во судска постапка во Лондон, поврзана со благосостојбата на две од нивните деца, пренесува „Гардијан“.
По наредба на шеикот, мобилниот телефон на принцезата Хаја бил хакиран 11 пати во јули и август минатата година со помош на шпионскиот софтвер „Пегаз“, развиен од групацијата НСО со седиште во Израел. Според судијата Ендрју Мекфарлејн, агентите на шеикот исто така се обиделе да купат имот со вредност од 35 милиони евра во близина на домот на принцезата во Беркшир, Англија. Како одговор на тоа, судијата наредил да се создаде забранета зона од 100 метри околу нејзиниот имот и зона за забранети летови од 1.000 метри над домот на принцезата за да ја заштити од шеикот и неговите агенти.
– Наодите претставуваат тотална злоупотреба на довербата и злоупотреба на моќта. Сметам дека наодите се од најголема сериозност во контекст со благосостојбата на нивните деца. Ова во иднина може да има големо влијание врз довербата на принцезата и двете ќерки кон шеикот – вели судијата Мекфарлејн.
Во пишано сведоштво за случајот, шеикот изјавил дека не гледа како наводите за хакерски напади прават значителна разлика во случајот кога станува збор за контакт со неговите деца. Иако шеикот не присуствуваше на рочиштето, се покажа дека тој го организирал киднапирањето на две негови ќерки, принцезата Латифа и принцезата Шамса, како и тоа дека го наредил заплашувањето на Хаја откако тие се разделени.
– Се чувствувам како постојано да ме демнат, како буквално да немам каде да отидам за да бидам безбедна од Мохамед или оние што дејствуваат во негово име. Тоа е многу угнетувачки. Се чувствувам како да не можам да дишам, како да се гушам. Не сакам децата да живеат со страв цело време. Тие не го заслужуваат тоа – се наведува во пишаното сведоштво на Хаја.
Правниот тим на шеикот Мохамед се обиде да ја спречи пресудата на Мекфарлејн за хакирањето на телефоните, тврдејќи дека судот нема надлежност да суди за странски државен акт, имено за наводна употреба на шпионски софтвер. Меѓутоа, на одделни рочишта ова беше одбиено од Високиот и Апелациониот суд на Велика Британија, при што Врховниот суд одби да дозволи понатамошна жалба од страна на шеикот.