Светската јавност е загрижена од динамиката на хакирањата глобално и кои се целите на удар. Во тој контекст загрижувачки се информациите дека хакерите пустошат сѐ пред себе, некогаш дури и удирајќи врз основните животни ресурси како водата. По биолошката војна со вирусот, сега на човештвото очигледно му се заканува и хемиска војна со труења или нуклеарна со крадење документи. Како да му се застане на патот на изопачениот ум на криминалот е прашањето што ги мачи сите
Зачестените хакерски напади го вклучија алармот
Ако некогаш битките се биеја на копно и на вода, сега копјата се судираат на интернет. Оваа констатација е производ на неколкуте важни настани на ова поле што се случија изминатиов период низ сајбер-мрежата во светот. Имено, во расчекор од само една седмица безбедноста на интернет-просторот беше сериозно нарушена во повеќе земји од Азија, Европа, но и во Америка. Еден од последните сериозни сајбер-напади на државни институции, од кои се докажа дека не се имуни ниту најмоќните држави како САД, се случи токму во сојузната американска држава Флорида. Имено, како што јавува „Си-ен-ен“, сајбер-криминалци се обиделе да ја затрујат водата за пиење во оваа сојузна држава. Според американските новински извештаи, вешто обучените интернет-измамници мината недела упаднале во системот за снабдување со вода во градот Олдсмар во Флорида и преку интернет се обиделе во системот за филтрација да го зголемат количеството на содијум хидроксидот и да предизвикаат труење кај населението. Хакерскиот напад бил навреме откриен, а Американското федерално истражно биро (ФБИ) сѐ уште го истражува случајот.
Таен извештај на ОН за хакерски напади?
Во меѓувреме во расчекор од само неколку дена по сајбер-нападот во САД, Обединетите нации објавија извештај во кој се наведува дека армија хакери од Северна Кореја украле стотици милиони долари во текот на 2020 година, средства што подоцна биле искористени за финансирање програми за нуклеарно оружје. Американскиот магазин „Нешнл интерест“, кој имал пристап до документот во кој се обвинува режимот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун за спроведување „операции против финансиски институции и виртуелни менувачници“ за обезбедување средства за развој на нуклеарната програма на Северна Кореја, тврди дека севернокорејските хакери украле 316,4 милиони долари од сметки во светот помеѓу 2019 и ноември 2020 година. Според американскиот медиум, извештајот на ОН уште еднаш го потврдува тврдењето на Западот дека Северна Кореја со години на кој било начин се обидува да развие моќно нуклеарно оружје и напредни балистички ракети и покрај астрономски високите трошоци, но и фактот што нуклеарната програма на Северна Кореја неодамна доживеа колапс.
Ерата на сајбер-напади допрва доаѓа
Џеј Каплан од компанијата за безбедност „Синек“, во изјава за американските медиуми за последните случувања во светот, вели дека ситуацијата со сајбер-нападите за време на пандемијата е значително влошена. Според него, она што е навистина уникатно во оваа ситуација е дека напаѓачите всушност користат ранливи уреди што луѓето ги поставуваат во нивните домови низ целиот свет за лансирање на овие дистрибуирани напади.
– Овие уреди се толку распространети во милиони и милиони домаќинства и институции, а производителите не ги заклучуваат што навистина ги прави лесни за напаѓачот да ги искористи предностите на овие слабости – објаснува Каплан, кој додава дека ваквите напади ќе се зголемуваат во иднина. Паралелно на ова, британски „Гардијан“ вчера објави дека повеќе граѓани од Британија, но и САД и Европа биле жртви на нови хакерски напади. Според британската национална агенција за борба против криминал (НЦА), жртви на хакерите овој пат биле спортски ѕвезди, музичари и членови на нивните семејства, а криминалците успеале да влезат во нивните телефони или онлајн профили. Како што наведува медиумот, бандата на тој начин успеала да украде пари, биткоини и лични информации од познати личности и да ги хакира нивните профили на социјалните медиуми.
Европол ја разби „Емотет“, „најопасната хакерска мрежа во светот“
Службите на европската полициска агенција Европол неодамна информираа дека во соработка со полициските единици на повеќе земји од Европа и од САД, целосно ја разбила „Емотет“, „најопасната хакерска мрежа во светот“. Во писмено соопштение на Европол се наведува дека целосно е уништена хакерската мрежа за која се тврди дека „предизвикала загуби од милијарди долари во деловните активности низ светот“. Како што пренесе АП, експертите на Европол и на Евроџаст во целост ја презеле контролата врз инфраструктурата на автоматизираната армија (ботнет) наречена „Емотет“, при што биле запленети голем број уреди поврзани на интернет. Според извештајот на Европол, од запленетите уреди се работело на повеќе сајбер-напади низ светот каде што во исто време тие им обезбедувале и далечински пристап на хакерите до компјутерите на други луѓе.
Главните наоди од истрагата на Светската здравствена организација (СЗО) во Кина за да се испита животинското потекло на коронавирусот и како се пренел на човекот беа јавно претставени деновиве. Според „Блумберг“, зоологот од Њујорк, Питер Дазак, кој помагаше во мисијата на СЗО, веќе потврди дека главните наоди беа претставени во јавноста пред заминувањето на тимот од кинескиот град Вухан каде што изби коронавирусот во декември 2019 година. Дазак изјави дека тимот од 14 члена работел со експерти во Кина и бил во посета на неколку клучни жаришта и истражувачки центри за да „испита што точно се случувало“. Истражителите сакаа да испитаат како вирусот САРС-Ков-2, кој води потекло од лилјаци што се наоѓаат на 1.600 км од Вухан, експлозивно се прошири во градот пред да ја предизвика најкатастрофалната епидемија во последните 100 години. Дазак тврди дека истрагата претставува пресвртница во борбата со пандемијата.